Димитар Ковачевски си даде оставка од претседателската функција во СДСМ

Димитар Ковачевски си даде оставка од претседателската функција во СДСМ. Во пресрет на седницата на Извршниот одбор на партијата, Ковачевски соопшти дека се повлекува поради катастрофалниот резултат на претседателските и парламентарни избори, побара свикување Конгрес и организирање внатрепартиски избори. Одговорноста за резултатите и поразот ја лоцираше кај сите функционери од партијата и го повика комплетното раководство на партијата да даде оставки.
„И јас и партиското раководство имаме одговорност, исто како што имаат одговорност и сите именувани и избрани функционери, вклучително и сите партиски функционери на локално и централно ниво. СДСМ ќе треба добро да погледне навнатре, да размисли што направивме и кои се резултатите и слабостите во последните 4 години, можеби и во последните 7 години. И уште поважно, што е тоа што треба да се направи за да ја обновиме и вратиме довербата на граѓаните што ја изгубивме. Процесот на обнова мора да е на сите нивоа. Барам да се свика Конгрес на СДСМ заради анализа на изборните резултати и изјаснување за довербата на органите на СДСМ, избрани од Конгресот, со оглед на изборните резултати. Како високо морален чин се повлекувам од функцијата Претседател на СДСМ. Истовремено повикувам истото да го направи целокупното раководство на партијата по вертикала од членовите на раководството, преку централните партиски органи, се до општинските органи на раководење на партијата“.
VOA