На 28 мај закажана конститутивната седница на Собранието

Конститутивната седница на Собранието е закажана за следниот вторник, на 28 мај. Со седницата до изборот на новиот претседател на Собранието, согласно Деловникот за работа, ќе претседава највозрасниот пратеник, а во новоизбраниот состав тоа е пратеничката Мерита Колчи Коџаџаку.

Од собраниската прес-служба денеска информираа дека претседателот на Собранието Јован Митрески, врз основа на член 9 став (2) од Деловникот на Собранието, одржал состанок со претставниците на политичките партии застапени во новоизбраното Собрание, на кој консензуално било одлучено конститутивната седница, по одржувањето на единаесеттите парламентарни избори, да се одржи на 28 мај 2024 година, вторник, во 11 часот.

Претседателот Митрески ги информирал присутните дека дневниот ред на конститутивната седница, според Деловникот, ќе има три точки односно избор на Верификациона комисија, избор на Комисија за прашања на изборите и именувањата, како и избор на претседател на Собранието.