Павловска Данева се откажа, a Васиќ Бозаџиева без мнозинство за претседател, Уставниот суд во криза!

0
91

Судијката Ана Павловска Данева на денешната седница на Уставниот суд ја повлече својата кандидатура за претседател, потврдуваат од судот. Нејзината противкандидатка, Татјана Васиќ Бозаџиева, не доби потребно мнозинство. Ќе следи нов круг гласања со други кандидати од редот на судиите во Уставен суд.

”Да, со цел да не се доведе државата во уставна криза, се повлеков и побарав судот да гласа согласно принципот на меритократија, односно исклучиво согласно професионалните квалификации и менаџерските капацитети на кандидатите. Судиката Васиќ остана единствен кандидат”, вели во изјава за МИА судијката Павловска Данева.

Ова беше седмиот обид на членовите на Уставниот суд да изберат нов претседател, откако пропаднаа шестте претходни во Четвртокот и Петокот.

Новиот претседател на Уставниот суд треба да ја замени досегашната претседателка Добрила Кацарска, чиј тригодишен мандат истече во неделата, на 2 Јуни.

Според Деловникот, Уставниот суд во тајно гласање избира претседател од редот на судиите со двотретинско мнозинство.

По завршувањето на мандатот на Кацарска и неуспешните кандидатури на Татјана Васиќ Бозаџиева и Ана Павловска Данева, се очекува кандидатура на некој од следните актуелни судии: Насер Ајдари, Осман Кадриу, Дарко Костадиновски, Фатмир Скендер, Елизабета Дуковска и Јадранка Дабовиќ Анастасовска.

Секој судија може да предложи кандидат за претседател на Уставниот суд.

 

skopjeinfo.mk