Уште една позитивна приказна буди надеж. Предвреме родено бебенце се избори за живот на Клиниката за гинекологија и акушерство во Скопје и по шест месеци конечно си замина дома кај родителите.
Храбриот Озан беше роден со тежина од само 690 грама, а во моментот на напуштање на болницата тежеше 2.400 грама.
„Во прегратките на своите родители, вчера по шест месеци престој на одделението за интензивна нега и терапија (ОИНТ), во стабилна состојба и со телесна тежина од 2.400 грама дома си замина уште едно предвреме родено бебе.“
„Озан е роден на 20 декември 2023 година во 24 гестациска недела со тежина од само 690 грама и со должина од 33 сантиметри.“
„Безмалку половина година оваа екстремно прематурче се бореше заедно со лекарите, медицинските сестри и со акушерките и на наша огромна радост херојски ги надмина сите препреки, од кои некои не беа воопшто лесни.“
„Му посакуваме среќно детство, многу радости да внесе во животот на своите родители и низ животот да се бори со истиот жар што го покажа уште од првиот миг од своето раѓање.“
„Озан и другите предвремено родени бебиња секојдневно преку борбата за живот покажуваат што значи храброст и колку е вреден животот, со што на медицинскиот персонал му даваат сила да го издржи секој нов ден“ – пишува на објавата од ГАК.
femina.mk