Фондот за пензиско и инвалидско осигурување никако да исплива од проблемите во коишто е заглавен до гуша. Иако приходите од наплатен придонес за ПИОМ во 2022 година се зголемени за 11,63% во однос на претходната 2021 година и изнесуваат над 54 милијарди денари (околу 890 милиони евра), сепак расходите се многу поголеми.
Расходите за социјални бенефиции во 2022 година изнесуваат над 87 милијарди денари (1,4 милијарди евра) за вкупно 335.743 пензионери. Поради дефицит на средства за исплата на пензии, во 2022 година се трансферирани речиси 530 милиони евра од државниот буџет.
Финансиската дупка меѓу приходите и расходите на Фондот за пензиско осигирување е 33,58 отсто, или речиси за секој трет пензионер било неоходно да се црпат пари од државниот буџет за да му се исплати пензија.
Средства кои „висат“
И во овој извештај се посочува дека има проблеми со документацијата за пресметка на пензиите, но и дека пензии од починати лица уште не се враќаат на сметката на фондот.
Податоците на Државниот завод за ревизија во ревизорски извештај за ПИОМ покажуваат дека на уплатната сметка на Фондот на крајот на 2022 година има нераспределени средства во износ од над 127 милиони денари кои Фондот не може да ги користи за исплата на пензии, а осигурениците немаат можност да ги остварат правата од пензиското осигирување.
Нераспределените средства произлегуваат од неалоцирани и неидентификувани износи на уплатен придонес, кои не се распоредуваат автоматски поради одредени несовпаѓања. Неалоцирани уплати најчесто настануваат при уплата на придонес за работа со скратено работно време и времено ангажирани лица, за кои Фондот нема добиено соодветни пријави/одјави за вработување и регистрација на обврзник, неидентификувани уплати настануваат како резултат на поднесени месечни пресметки за плата со неточни податоци или со променети матични односно даночни броеви или пак при делумно или погрешно уплатени средства.
Стари проблеми – нови главоболки
Ревизорите утврдиле дека и во 2022 година не се надминати утврдените состојби од претходните години – како недостиг на стручен и обучен кадар за актуарство и перманентниот одлив на вработени од ИТ секторот и внатрешната ревизија, што влијае на развој на актуарски и пензиски предвидувачки капацитети, функционирање на информацискиот систем и ажурноста на сите воспоставени системи и ефективноста на системот за внатрешни контроли.
Ревизорите утврдиле слабости во делот на пописот и евидентирање во деловните книги на постојаните средства добиени по основ на затворени стечајни постапки кои не се спроведени и на земјиштето за кое Фондот има сопственост/право на користење, како и бришење од сметководствената евиденцијата без одлука на Влада на расходуваните движните ствари.
Ревизорите утврдиле дека постојат слабости при спроведувањето и реализацијата на дел од постапките за јавни набавки на ИТ, тековно одржување и изведување на градежно занатски работи на деловни објекти на Фондот, како и за набавка и плаќање за поставување на фотоволтаичен систем за производство на електрична енергија за кој не е навремено обезбедена документација за сопственоста на објектот и не извршен технички прием.
Во извештајот се посочува и на слабости во чување и архивирање на податоците во матичната евиденција и недовршен процес на индексирање и дигитализирање на микрофилмови и скенираните документи кои го оневозможуваат потврдувањето на веродостојноста и целосноста на регистрираните податоци, потребни за остварување на правата од ПИО. Не се надминати состојбите во однос на нераспоредени средства на уплатната сметка од наплатен придонес за ПИО кои Фондот не може да ги користи, а осигурениците не можат да ги остварат правата на пензија.
Отсуствува целосна поделба на надлежностите и одговорностите на вработените вклучени во процесите поради што постои ризик од неправилности во постапката за признавање на правата од ПИО, како и ризик од исплата на пензија и по истекот на законски утврденото право, се посочува во ревизорскиот извештај.
DW