Максимумот на овој топол бран од Африка утре и во среда ќе донесе температури до 40, 41 степен

Својот максимум овој многу топол бран во Македонија кој е со потекло од северните предели на Африка ќе го достигне утре, а особено во среда. Температурите насекаде ќе надминуваат 30 степени, додека на повеќето места тие ќе се искачат  и до околу 35 степени, а во најтоплите централни и југоисточни предели тие локално ќе достигнат дури до 40, 41 степен. Овие два дена воедно ќе бидат и најтоплите досега оваа година.

Времето ќе биде сончево со мала до умерена локална облачност, но ќе дува топол ветер од југозападен правец кој повремено и локално ќе биде засилен на интензитет. Во Скопје максималната дневна температура за време на овој максимум на топлотниот бран ќе достигне до околу 35, 36 степени.

Ув индексот ќе има многу висока, до екстремно висока вредност и ќе има коефициент некаде помеѓу 8 и 9, па затоа на граѓаните ги советуваме доколку немаат потреба да не излегуваат во најтоплиот дел од денот, односно од 11 до 17 часот,  и секако да пијат повеќе течности.

Поради југозападното струење на висина кое е доста изразено овие денови, во Македонија  и во следниот период ќе биде присутно значително количество на Сахарска прашина  и песок, па така и атмосферата ќе биде многу заматена, а времето ќе биде многу мачно и спарно, па така и температурите ќе се чувствуваат како да се многу повисоки од реално измерените, најавува метеопрогнозерот Славчо Попоски.

 

meteoalarm.mk