1999 година донесе многу изненадувања за Сами Беголи, кој тогаш имаше 24 години.
Ескалацијата на насилството во војната во Косово го принуди да го напушти својот дом како бегалец.
Прво на Блаце седум дена, потоа во Станковец во денешна Северна Македонија еден месец, а подоцна и во Шпанија.
Сето ова време Сами копнееше по дома, надевајќи се дека наскоро ќе се врати таму.
„Беше неописливо чувство кога се вративме. Не ни падна на памет да јадеме и пиеме поради радоста на враќањето“, изјави тој за Радио Слободна Европа.
За време на неговите месеци во егзил, Сами најде утеха во реченицата за која вели дека ја слушнал од тогашниот шеф на Верификационата мисија на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ), Вилијам Вокер. Поранешниот српски претседател Милан Милутиновиќ го обвини Вокер дека го измислил масакрот во Рачак, кој беше во центарот на истрагата на Меѓународниот кривичен суд.
„Следниот пат ќе се вратам и ќе влезам без пасош“, се сеќава Беголи на зборовите што тогаш ги слушнал од Вокер, откако поранешна Југославија го прогласи за непожелна личност и го принуди да замине во рок од 48 часа.
Во септември 1999 година, Беголи и неговото семејство се вратиле во Косово и отвориле работилница за мебел по име Вокер. Фирмата во Чаглавица и денес го носи неговото име.
„Го избравме неговото име затоа што ја забрза интервенцијата на НАТО. Многупати сум кажал дека без него се можеше да биде многу полошо“, додава Беголи.
Вокер одигра клучна улога во документирањето на масакрот во Рачак, каде српските сили убија 45 албански цивили на 15 јануари 1999 година. Тој настанот го опиша како злосторство против човештвото.
На 24 март, НАТО започна кампања за воздушно бомбардирање на Југославија со цел да ги протера српските трупи од Косово. По 78 дена, воздушните напади беа прекинати на 10 јуни со усвојувањето на резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на Обединетите нации, што доведе до повлекување на југословенската армија од Косово и формирање на Привремена административна мисија на Обединетите нации на Косово.
Кампањата на НАТО за бомбардирање на Југославија беше една од првите големи воени интервенции спроведени првенствено од хуманитарни причини, со цел да се запре етничкото чистење и тешките прекршувања на човековите права. Во војната во Косово беа убиени повеќе од 13.000 цивили, а илјадници исчезнаа, од кои 85 отсто беа косовски Албанци. Интервенцијата, исто така, им овозможи на повеќе од 800.000 бегалци и внатрешно раселени лица да се вратат дома.
Интервенцијата подоцна доведе до тоа Косоварите да им оддадат почит на оние кои гласно го поддржаа крајот на војната.
Меѓу нив има личности кои биле на високи политички функции пред 25 години, како што се: поранешниот американски претседател Бил Клинтон; поранешниот премиер на Велика Британија Тони Блер; поранешната американска државна секретарка Медлин Олбрајт; поранешниот воен командант на НАТО Весли Кларк и поранешниот портпарол на НАТО Џејми Шеј.
Автошколи, продавници за облека, уметници за тетоважи, салони за автомобили и водоводни услуги. Сите овие занаети расфрлани низ градовите на Косово ги носат имињата на овие личности.
Меѓу нив е и фирмата „Клинтони ШПК“ во Клина.
Иако од 1999 година ja води Шкелќим Бојај, сите ja нарекуваат со друго име.
„Никој не не вика по име. Сите велат „Клинтон“. На пример, нечии водоводни цевки се оштетени, сите велат „викнете ја Клинтон““, изјави Шкељќим за Радио Слободна Европа.
slobodnaevropa.mk