За првпат реимплантација на коска излекувана од тумор

0
58

Шеснаесетгодишно девојче ја победи битката со туморот, по успешна интервенција за отстранување, зрачење и повторно враќање на излечената коска во нејзиното рамо. Станува збор за интервенција, која што за првпат е направена во Македонија, а досега, според сознанијата на лекарите, не е применета ниту во соседните земји како Хрватска и Србија. Оваа интервенција е надеж дека се отвара патот за нови хируршки интервенции во ортопедската онколошка хирургија и со тоа во иднина да се намали бројот на пациенти кои се лекуваат во странство.

Надеж за многумина
Станува збор за операција на посебен тумор кој рано бил детектиран кај 16-годишна пациентка. Тимот предводен од проф. д-р Милан Самарџиски за четири ипол часа успеал да ја извади заболената коска и да го отстрани туморот, коската да биде зрачена на Клиниката за онкологија и радиотерапија и повторно вратена кај пациентката (реимплантирана).

„За четири ипол часа заврши интервенцијата, што е релативно добро и брзо“, вели за ДВ доктор Самарџиски. Девојчето се чувствува добро по интервепцијата и полека закрепнува.

Според лекарите, оваа интервенција е надеж за многумина кои што се борат со оваа опасна болест.

Вакви интервенции во земјата, но и во регионот досега не се направени. „Ова е првпат ваква интервенција да биде направена кај македонски пациент, и во земјава, но и надвор. Досега им вградувале протези, васкуларни коски, но кај македонски пациент досега не е направена реинплантација“, вели доктор Самарџиски.

Тоа што коската не била оштетена и рано била дијагостицирана болеста кај 16-годишното девојче – се само дел од факторите коишто придонеле за успешно да заврши интервенцијата. Но, според Самарџиски, најголема заслуга имаат и младите и надежни доктори кои заедно со искусните хирурзи успеале да ја организираат и спроведат целата интервенција за многу кусо време.

„Радиолозите успеале рано да го откријат туморот, а и младите колеги од Онкологија успеаја да дадат соодветна терапија за да го стопи и целосно да го „убијат“ туморот“, вели Самарџиски. Иако првичниот план бил зрачаењето на заболената коска да трае 40 минути, веќе по 20 минути лекарите успеале извадената коска да ја вратат назад.

Ново поглавје во историјата на ортопедската онкологија
Со оваа интервенција, според лекарите, се испиша ново поглавје во историјата на ортопедската онкологија на Универзитетската клиника за ортопедски болести во Скопје. Во тимот предводен од проф. д-р Милан Самарџиски, биле и докторите Теодора Тодорова, Лазар Тодоровиќ, Златко Алексовски, Индрит Капроли, Марио Младеновски, а тимови од Клиниката за онкологија и радиотерапија и медицински физичари учествувале во подготовка и озрачување на коската. Во целата постапка биле вклучени и специјалисти по медицинска нуклеарна физика.

„Ова е тим на млади лекари коишто одлучиле да останат тука, да помагаат, да делуваат и да работат. И мислам дека нивната енергија на нас постарите ни дава сила“, вели доктор Самарџиски.

 

DW