Г7 и додели на Украина 50 милијарди долари руски средства

Украина ќе добие 50 милијарди долари од каматите на замрзнатите руски средства, а претседателите Володимир Зеленски и Џо Бајден потпишаа и 10-годишен безбедносен договор за време на самитот на Г7 во Италија.

„Постигнавме политички договор да и обезбедиме финансиска поддршка на Украина од околу 50 милијарди долари до крајот на годината“, изјави домаќинката на самитот, италијанската премиерка Џорџа Мелони.

Мелони го покани Зеленски да се приклучи на самитот заедно со претседателот на САД и лидерите на Франција, Германија, Канада, Јапонија и Британија. Во обраќањето на самитот кој се одржува во луксузниот ризорт Борго Егнација, Зеленски им заблагодари на лидерите за поддршката за која оцени дека ќе биде искористена за „одбраната и реконструкцијата“. Но, тој ги повика сојузниците да направат и чекор понатаму и да и ги конфискуваат замрзнатите имоти на Русија. Дополни и дека на Украина се уште и се потребни и повеќе воздушни одбранбени системи за да се спротивстави на нападите на Москва.

Гарантирана безбедност
На почетокот на годинава ЕУ се согласи да му помогне на Киев со користење на профитот од каматите од замрзнатите средства на руската централна банка. Но, Вашингтон изврши притисок заемот да биде исплатен побрзо и однапред, иако засега не е јасно кој ќе ги исплати парите, и кој ќе биде гарант на заемот. Американски претставници соопштија дека САД нема да бидат единствените финансиери на заемот, туку ќе го споделат повеќе земји, но одби да каже кои и колку пари ќе одвои секоја земја одделно.

Во четвртокот, Бајден и Зеленски потпишаа и безбедносен договор со кој, според Бајден, му порачуваат на рускиот претседател Владимир Путин дека „нема да попуштат“ и дека нема да успее да „ги подели“.

 

DW