Со оглед на тоа дека летото сеуште календарски не е започнато, а од друга страна веќе се соочивме со првиот бран на многу високи температури на воздухот кои беа натпросечно високи за овој период од годината.
Секако ова не значи дека пред нас е екстремно топло лето, напротив според долгорочните прогнози со кои ние располагаме ќе имаме едно нормално топло лето, што значи дека не очекуваме некои долготрајни топлотни бранови. Секако топлотните бранови ќе ги имаме и тие ќе условуваат многу високи температури на воздухот, но ќе траат пократко за разлика од изминатите години.
Тука се и временските непогоди кои ќе бидат почеста појава и ова лето, особено во јули и во август кога би можело да имаме и поголеми временски непогоди и натпросечно количество на врнежи за тие месеци.
Да напоменеме дека тука ни е и метеоролошкиот феномен “Ла Ниња” која особено ќе добива на интензитет кон крајот на ова лето. Таа носи пониски температури и го лади Европскиот Континент, кај нас врнежите токму поради овој метеоролошки феномен во иднина ќе ги има повеќе.
Со оглед на тоа дека се работи за сезонска и долгорочна прогноза, граѓаните истата не треба да ја земаат здраво за готово и дека промени во истата се можни, што значи дека сезонските прогнози се со помала веројатност за остварување, стои во најновата анализа од метеопрогнозерот Славчо Попоски.