Приказна од Белград го обиколува Балканот и апелира почесто да ја покажуваме нашата хумана страна, бидејќи нашето малку, за некого значи многу.
Момче веќе неколку дена има поставено тезга и продава колачи, лимонада и играчки, сè со цел да собере парични средства за лекувањето на неговата мајка болна од рак.
Фотографиите од добродушното момче, кое со сите сили се бори да ѝ помогне на мајка си, деновиве се распространија на интернет.
Милан доби и засилување од својот брат Душан и од нивните пријателчиња, кои исто така застанаа да продаваат на тезга за што побрзо да се соберат потребните средства.
Бранка Дејановиќ има малиген сарком на меките ткива и нејзиното лекување треба да се продолжи надвор од нивната земја.
Оваа дијагноза, таа ја добила во 2022 година, по што ѝ била направена операција. За жал, туморот не можел да ѝ биде отстранет во целост.
Следувале тешки хемотерапии, зрачење и нова операција, но опаката болест до ден-денес продолжува да се шири.
Во декември минатата година, утврдено било дека дошло до појава на метастази на белите дробови, а промени биле забележани и на карлицата.
Лекувањето на Бранка ќе биде со имунотерапија во странство и создавање на вакцина, која се прави од ткивата на туморот кој ѝ бил изваден. Вакцината ќе помогне во оспособување на имуниот систем на Бранка да се бори баш против тој тумор.
femina.mk