ФФМ бара казна за фудбалерот на Албанија Даку поради скандирања на ЕП против македонската држава

Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) изрази „длабока загриженост и недвосмислена осуда“ во врска со националистички скандирања од репрезентативецот на Албанија Мирлинд Даку насочени против македонската држава по завршувањето на вчерашниот натпревар Хрватска-Албанија на Европското првенство во Германија (ЕУРО 2024).

„Однесувањето е неприфатливо и спротивно на основните вредности на спортскиот дух и меѓусебното почитување што ги промовира фудбалот. Принципите на политичка неутралност се вградени во регулативите на меѓународните асоцијации како ФИФА и УЕФА“, се вели во реакцијата на ФФМ.

Реакцијата доаѓа по мечот на 19 јуни кој Албанија го одигра 2:2 против репрезентацијата на Хрватска на Европското првенство, а на кој Албанија постигна гол во судиското продолжение. Додека навивачите го славеа освоениот бод, Дука земал мегафон и од теренот скандирал против Македонија.

slobodnaevropa.mk