Министерот Љутков го отвори 19. издание на фестивалот „Македонско културно лето“ во Општина Пустец

Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, вчеравечер во музејот посветен на албанскиот писател со македонско потекло, Стерјо Спасе, во селото Глобочани, Општина Пустец, Република Албанија, присуствуваше и се обрати на отворањето на 19. издание на фестивалот „Македонско културно лето“.

Во своето обраќање, министерот Љутков истакна дека фестивалот на дело потврдува дека културата и јазикот што го зборуваме се поголеми и позначајни од границите што нè одделуваат.

Денеска преку уметноста, литературата, музиката и сите други форми на културен израз, ги споделуваме креативноста и талентот на македонските уметници, одржувајќи го континуитетот во развојот и промоцијата на македонската култура меѓу сите жители во овој дел на Преспа. Токму преку културата, преку секоја слика и збор, ги уриваме границите и ги засилуваме врските со нашинците – рече Љутков.

Тој додаде дека е ова уште една потврда за грижата за македонското малцинство во Албанија и за посветеноста на Владата и на Министерството за култура и туризам за негување на македонската култура, идентитет и традиција во овој прекуграничен регион, претворајќи го во значајна дестинација за културен туризам.

Министерот Љутков изрази благодарност до организаторите – Здружението на Македонците по потекло од Албанија „Сонце“ и Едмонд Сотир, до градоначалникот Колефски, до уметниците и до сите оние, како што рече, што со своето присуство придонесуваат овој фестивал да биде вистинско културно доживување.

На отворањето на фестивалот, публиката имаше можност да ги проследи изложбата на дела од академскиот скулптор Синиша Новески и промоцијата на книгата „Македонското традиционално пеење во: Мала Преспа, Гора и Голо Брдо“ од авторката Андријана Јаневска.

Во рамките на фестивалот што ќе трае до 6 јуни, публиката ќе може да проследи три театарски претстави и една претстава за деца.

Фестивалот, кој е во организација на Здружението на Македонците по потекло од Албанија „Сонце“, има цел заштита, развој и промоција на македонската култура кај македонскиот народ во Албанија.

 

 

vesnik-ilinden.com