ВМРО ДПМНЕ: Реномираната германска компанија ЕПСОТЕХ со инвестиција од 20 милиони евра влегува во Македонија и отвора 110 работни места во оваа фаза

Во Македонија своја инвестиција најави компанијата Епсотех во износ од 20 милиони евра, која ќе отвори производствен погон во близина на Скопје и 110 нови работни места, пред се високо стручен кадар, се вели во соопштението од ВМРО ДПМНЕ.

Во продолжение на истото се додава:

Во овие индустриски капацитети на германската компанија, која е во партнерство со белгиската „Аим“, ќе се произведуваат елементи од автомобилската, железничката и здравствената индустрија. Оваа компанија е лидер на пазарот во Германија и е застапена на над 25% од истиот, што значи дека соработува со сериозни индустриски гиганти. Еден од главните белези во нивното производство е дека рециклираат материјали од земјоделството, рибарството, па дури и од компаниите со кои соработуваат.

Дополнително ќе се отвори и развојно истражувачки центар, а веќе постои интерес за понатамошна соработка и нови инвестиции и отворање на повеќе работни места. Оваа инвестиција е втора во рок од две недели, што само покажува дека доколку постои силна волја и посветеност бројот на инвестиции во Македонија може да се зголемува. Долго време земјата беше на дното по привлекување на странски инвестиции во споредба со земјите од регионот, што пред се беше резултат на неодговорниот пристап на власта на СДСМ и ДУИ, непредвидливата економска клима и лошиот имиџ на државата кој го изградија во изминатите години. Инвеститорите беа многу претпазливи и најчесто избираа да инвестираат во некоја земја од соседството отколку во Македонија.

Работите се менуваат на подобро, затоа што ВМРО-ДПМНЕ нуди концепт на работа.

Исполнуваме. За тебе!