Владата доцна синоќа( 13 јули ) прогласи кризна состојба во времетраење од 30 дена поради зголемена појава на пожари на територијата на Република Северна Македонија.
Со одлуката на Владата, Министерството за внатрешни работи (МВР) доби задача да ангажира полициски сили при гасење на пожарите.
Министерството за здравство и здравствениот персонал од општа и медицина на трудот се задолжуваат да бидат во приправност за времетраењето на кризната состојба, додека Министерството за финансии се задолжува да обезбеди дополнителни наменски финансиски средства доколку за тоа се покаже потреба.
„Владата му предлага на претседателот на Република Северна Македонија да одлучи за учество на дел од припадниците на Армијата на Република Северна Македонија (вид и број на сили и капацитети на армиските единици, намена и задачи за кои се бараат и времетраењето на активноста и ангажираноста на армиските единици), во справувањето со кризната состојба“, наведуваат од Владата.
Центарот за управување со кризи (ЦУК) соопшти дека се активни 8 пожари на отворено, од кои 3 избувнале денеска, а 5 се уште се активни од претходно.
Претходно, кризниот штаб на општина Неготино информираше дека состојбата на терен е алармантна и дека досега се ангажирани сите расположливи ресурси.
„Неопходна е многу поголема поддршка. Да се обезбеди комплетна опрема за противпожарна заштита, со цел да може при гасењето на пожарот да интервенираат поголем број лица. Да се обезбеди дрон од СВР Велес и припадници на СВР Велес, кои ќе интервенираат при гасењето на пожарот“, се заклучоците на Штабот за заштита и спасување на Општина Неготино по седницата одржана вечерва.
Од Авто-мото сојузот информираат дека во прекин е сообраќајот на регионалниот пат Штип – Неготино кај клучка 21 км, и тоа во двата правци поради пожар на планината Серта.
slobodnaevropa.mk