Американскиот претседател Џо Бајден е позитивен на Ковид, соопшти Белата куќа во средата (17.07). Бајден, кој е во предизборна кампања во Невада, мораше да откаже клучно обраќање во Унидос, конференција на латино-организација за граѓански права. „Тој е вакциниран и бустиран и има само благи симптоми“, соопшти портпаролката на Белата куќа, Карин Жан-Пјер додавајќи дека Бајден ќе ги извршува претседателските обврски од неговиот дом во Делавер, објави dw.com.
Качувајќи се во претседателскиот авион, Бајден на заминување на новинарите им рече дека „се чувствува добро“. Тој не носеше маска додека се качуваше во авионот, но ја носеше за време на летот. Неговиот лекар Кевин О’Конор изјави дека на Бајден му е препишан антивиралниот лек Паксловид и дека тој веќе ја примил првата доза.
Бајден се бори за политичко преживување
Заболувањето на Бајден се случува во време кога повеќе истакнати членови на Демократите бараат тој да се повлече од трката за реизбор. Американската телевизија Си-Ен-Ен известува дека поранешната претседателка на Претставничкиот дом, Ненси Пелоси во четири очи му кажала на Бајден дека не може да победи и дека ако остане кандидат би можел да ги наруши шансите на Демократите да освојат мнозинство во Долниот дом на Конгресот.
Конгресменот од Калифорнија, Адам Шиф, исто така го повика Бајден „да ја предаде штафетата“ и да дозволи друг претставник од Демократите да стане противкандидат на Доналд Трамп за изборите во ноември годинава.
81-годишниот Бајден неодамна изјави дека би се повлекол единствено во случај докторите да оценат дека постои медицинска состојба која го попречува. Во интервју со новинарот Ед Гордон, снимено пред дијагнозата со Ковид, Бајден беше запрашан дали постојат фактори кои би го натерале да се премисли во однос на кандидатурата. „Ако се појави некаква медицинска состојба и докторите ми кажат ‘имаш ваков и ваков проблем'”, одговори Бајден на прашањето.
Џо Бајден се бори за политичко преживување по катастрофалната дебата со Трамп пред речиси три недели, каде остави уморен и конфузен впечаток поради што се појави загриженост во однос на неговата возраст.
Бајден мета на критики од неговите редови
Речиси 20 членови на Конгресот од редовите на Демократите го повикаа Бајден да се повлече од трката за претседател по неговиот настап на дебатата. Шиф е последниот меѓу нив и прв откако се случи обидот за убиство врз кандидатот на Републиканците и поранешен претседател на САД, Доналд Трамп.
„Втор претседателски мандат за Трамп би ги поткопал основите на нашата демократија и јас имам сериозни задршки околу прашањето дали претседателот може да го порази Трамп во ноември“, рече Шиф.
Еј-Би-Си Њус известува дека Чак Шумер, лидерот на Демократите во Сенатот, на средба со Бајден во саботата му рекол дека за земјата и за Демократската партија би било подобро ако стави крај на неговата кампања за реизбор. Шумер не побара јавно повлекување на Бајден, но медиумите, повикувајќи се на неименувани извори, јавуваат дека лидерот на Демократите во Сенатот има задршки во однос на способноста на Бајден да го порази Трамп на претстојните избори во ноември годинава. „Попладнево се состанав со Бајден во Делавер, средбата беше добра“, се вели во соопштението што Шумер го објави по состанокот.
Во одговор на забелешките на Шиф, пак, од тимот на Бајден посочија на, како што велат, „екстензивната поддршка“ за реизбор која ја ужива кај членови на Конгресот од клучните сојузни држави, како и кај одредени тела во Конгресот. Шиф се смета за близок човек на поранешниот спикер на Претставничкиот дом, Ненси Пелоси, која и натаму има значително влијание во Демократската партија. Пелоси неодамна во интервју изјави дека Бајден мора самиот да одлучи дали ќе ја продолжи трката и се најде на насловните страници поради тоа што не му даде експлицитна поддршка. Си-Ен-Ен во средата јави дека Пелоси му кажала на Бајден оти според анкетите не е способен да го порази Трамп и дека на крајот може да ги руинира шансите на Демократите да освојат мнозинство во Претставничкиот дом.
Неделава, моќниот Шумер и шефот на пратеничката група на Демократите во Претставничкиот дом, Хаким Џефрис ја охрабрија својата партија да ги одложи за една недела плановите за виртуелно гласање за реноминирање на Бајден како претседателски кандидат од нивните редови. Демократската национална конвенција треба да се одржи во Чикаго дури кон средината на август.