Полицијата се уште го расчистува случајот со вандалското уништување на детско игралиште во Капиштец. Општина Центар ќе предложи законски измени за „казни“ со општо-корисна работа. Дел од младите шокирани од агресивноста на овие врсници, а психолозите велат – ништо без разговор со родителите
Цела недела откако градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски објави видео на кое се гледа како група млади вандализираат игралиште во населбата Капиштец, полицијата не објави дали тие се идентификувани.
На прашањата од Радио Слободна Европа (РСЕ) до Министерството за внатрешни работи (МВР), за тоа дали ги идентификувале и што презеле, одговорија дека се постапува – соодветно.
„Во полициската станица од општа надлежност „Центар“ се преземаат соодветни мерки и активности за расчистување на случајот, по што ќе бидат поднесени соодветни поднесоци“, велат од МВР за РСЕ.
Со какви санкции би можеле да се соочат според закон, освен од квалификацијата на делото зависи и од возраста – дали се помлади малолетници, од 14 до 16 години, или постари, од 16 до 18 години.
„За помлади малолетници законските одредби исклучуваат заводски или затворски мерки, така што предвидуваат само мерка засилен надзор од родител или од Центарот за социјални работи. Кај постарите малолетници, за потешки кривични дела можно е да се добие и заводска, а во екстремен случај и затворска мерка. Ако на пример, делото биде квалификувано како насилство, што ќе зависи и од тоа дали има поголема материјална штета, нема да се оди со престроги мерки, односно нема да има простор за заводски мерки и ќе се заврши со засилен надзор. Можно е и да завршат со прекршок како вандализам, повторно во зависност од тоа колкава е штетата“, вели адвокатот Јанаки Митровски во разговор со РСЕ.
Во меѓувреме, компилацијата на видеа снимени од жители на скопската населба ја вознемири јавноста. Граѓаните на социјалните мрежи, под објавата на Герасимовски коментираа дека коренот на агресијата е дома, но и дека младите за кои има видео доказ дека дивееле мора да се казнат.
slobodnaevropa.mk