Очигледно е дека намерните или ненамерните пропусти за суштествени повреди и натаму остануваат дозволива пракса за некои судиим оцени денеска Министерството за правда во својата реакција за укинатата пресуда за организаторите на случувањата на 27 април.
Затоа, неопходно е веднаш да се добие соодветен одговор, зошто ова се дозволува во континуитет, односно зошто во првостепената пресуда не биле утврдени сите спорни околности, ниту битни факти поврзани со кривичното дело терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста, се наведува во соопштението.
Министерството, како што истакнува, со најдобра намера го повикува Судскиот совет веднаш да реагира и да преземе мерки за утврдување на околностите врз основа на кои е донесена пресудата, да се поведе постапка вклучувајќи ја и дисциплинска ако се утврди дека некои свесно или несвесно со своите постапки дозволиле довербата во правосудниот систем да падне на најниско ниво.
Реакцијата на Министерството следи откако Апелациониот суд Скопје денеска ги уважи жалбите на обвинетите и ја укина првостепената пресуда, а предметот „Организатори на 27 април“ го врати на повторно судење пред Основниот кривичен суд Скопје.
Судот ја укина првостепената пресуда со која на вкупно 25 години затвор беа осудени организаторите на „крвавиот четврток“, спикерот Трајко Вељаноски, поранешните министри, Спиро Ристовски и Миле Јанакиески и поранешниот директор на УБК, Владимир Атанасовски. Предметот е вратен на повторно судење.
Во образложението на одлуката скопска Апелација наведува дека Основниот кривичен суд требало во поголема мера да го разгледа прашањето за одредбите кои се однесуваат за амнестија на кривичното гонење.
Поради големиот интерес и транспарентност во работењето, Судискиот совет на Апелациониот суд Скопје информира дека при разгледување на првостепената пресуда оцени дека при постапувањето по овој кривичен предмет сторени се суштествени повреди на одредбите на кривичната постапка од член 415 став 1 точка 11 и став 3 од Законот за кривичната постапка, кои придонеле првостепениот суд да не биде во можност правилно да го примени материјалното право – Кривичниот законик, се наведува во соопштението од Апелациониот суд.
фото: Архива