Експлозија кај езерото Газивода на северот на Косово

0
93

Денеска (21 јули) била фрлена експлозивна направа кај езерото Газивода на северот на Косово, потврди косовската полиција.

Заменик-директорот на полицијата за северниот регион, Ветон Елшани за Радио Слободна Европа (РСЕ) изјави дека нема повредени, но причинета е материјална штета на два автомобили.

Тој не можеше да прецизира за каква експлозивна направа станува збор и истакна дека полицијата спроведува истрага.

Во последните недели, езерото Газивода е честа дестинација на граѓани кои одат таму за да се разладат за време на високите температури кои достигнаа и до 40 степени. Езерото Газивода се наоѓа во општина Зубин Поток на северот на Косово, која е со мнозинско српско население. Помал дел од езерото припаѓа на општината Тутин во Србија.

Врз основа на официјалните владини документи, од хидросистемот Ибар-Лепенац кај Газивода во Зубин Поток со питка вода се снабдуваат северот на Косово, како и Приштина и околината на главниот град.

Од Газивода се испорачува и вода за термоелектраните во Обилиќ, а се користи и за ладење на електраните Косово А и Косово Б. Покрај тоа, водата од акумулацијата Газивода се користи и за наводнување на земјоделските површини.

Во случај на суша, како што беше во 2014 година, водата од Газивода служи и за полнење на езерата кај Приштина, Батлава и Бадовац.

извор:slobodnaevropa.mk
фото:slobodnaevropa.mk