Оваа седмица нова дестабилизација на времето и пад на температурите

Во текот на оваа седмица можно е ново невреме во Македонија, температурите позначително ќе опаднат Почитувани, во текот на оваа нова работна седмица во Македонија особено во попладневните  и во вечерните часови ќе има локален развој на нестабилна облачност проследена со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Локално процесите ќе бидат поинтензивни и застапени во форма на невреме, проследено со поројни врнежи од дожд, силни грмежи и електрични празнења, силен ветер и со појава на град. И во делови од Скопската котлина во попладневните часови ќе биде нестабилно со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Можна е  и појава на невреме. Апелираме, во случај на појава на невреме и на силни електрични празнења, да не се претстојува на отворен простор и под осамени дрвја. Што се однесува до температурите, тие за разлика од изминатите денови, секојдневно ќе бележат тенденција на постепено опаѓање, а позначително ќе опаднат кон крајот на оваа работна седмица и тие ќе бидат потпросечни за месец јули и ќе се искачуваат во интервалот од 25 до 33 степени, додека наутро тие ќе се спуштаат во интевалот помеѓу 10 и 19 степени, најавува метеопрогнозерот Славчо Попоски.