АД МЕПСО со заем од 26,4 милиони евра од ЕБОР ќе ја зајакнува преносната мрежа, но експерти велат дека треба и самата повеќе да вложува во модернизација. Заемот е за нови далноводи и трафостаници во југоисточниот регион, но засега е нејасно под какви услови е земен.
Мрежите за пренос на електрична енергија во Северна Македонија треба да се модернизираат бидејќи се стари со децении и во моментов го попречуваат приклучувањето на новите обновливи извори на енергија.
Овие прашања беа истакнати на денешното потпишување на договор за заем од 26,4 милиони евра меѓу АД МЕПСО и Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) за обнова на преносната мрежа во југоисточниот регион на земјата.
Парите, како што беше кажано, се наменети за МЕСПО да го модернизира преносниот капацитет во овој дел на земјата во насока на усогласувањето со планот за декарбонизација на Северна Македонија според Зелената агенда.
Се заемот се предвидува изградба на нова трафостаница и обнова на 110 киловатен далновод којшто ќе овозможи приклучување на нови капацитети од 1170 мегавати од обновливи извори кои стојат неприклучени.
„Проектот ќе има сериозно влијание со намалување на загубите за пренос со 14,4 гигавати и намалување на емисиите на CO2 до 8.158 тони годишно. Ова ќе го трансформира енергетскиот пејзаж на Северна Македонија. Клучно е дека ќе овозможи поврзување на дополнителни 1,2 гигават од обновливи извори, коишто во моментов не може да бидат поврзани затоа што имаме застарени потстаници во југоисточниот регион“, рече претседателката на ЕБОР Одил Рене Басо.
slobodnaevropa.mk