Изгаснати 20 пожари, 10 сè уште активни

Во изминатото деноноќие на територија на цела држава имавме 30 активни пожари на отворено и шумски пожари. Од нив 20 се целосно изгаснати, а 10 се активни и веќе дел од нив се ставаат под контрола, изјави директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК) Стојанче Ангелов.

Тој информира дека рано утрово со полициски хеликоптер почнало гаснењето на пожарот, кој вчера доцна попладне изби во општина Старо Нагоричане, во атарот на село Челопек.

„Два активни пожари има на планината Серта. Првиот е од воениот полигон Криволак во насока на реката Брегалница, а вториот се наоѓа над селото Пухче во насока на селото Селце, за кој можам да кажам дека имаме делумна контрола и не ги загрозува двете села“, изјави Ангелов.

Активен пожар има и на територија на општина Пласница, во месноста „Стромол“, каде гори мешана шума со слаб интензитет. Веќе неколку дена два активни пожари има и во општина Чашка, кај селата Габровник и Мокрени, каде гори мешана шума и ниска вегетација и во месноста викана Мукос, каде е зафатена ниска вегетација.

Два пожара има и на територија на општина Долнени, од кои едниот е во близина на село Небрегово каде гори нискостеблеста шума, растенија и трева.

Од ЦУК велат дека последниот пожар, кој постојано го гаснат и поворно се пали е на територија на општина Ново Село, кај село Бадилен, во близина на границата со Бугарија.

Директорот на ЦУК информира дека дека има доволен број пожарникари, кои се вклучени во гаснењето на пожарите. На терен се и припадници на Армијата, полицијата и на ДЗС. Вклучени се и дел од вработените на „Национални шуми“.

 

slobodnaevropa.mk