Олимписките игри вечерва свечено ќе бидат отворени во Париз, а домаќинот и организаторот, како и цела Франција, особено нејзиниот главен град, се борат против бројни напади и проблеми.
Властите соопштија дека во текот на вчерашниот ден била спроведена координирана акција за подметнување пожари со цел да се прекине железничкиот сообраќај во и околу Париз. Државниот железнички оператор објави дека цел на напаѓачите биле инсталации долж бројните линии што го поврзуваат Париз на запад, исток и север.
Се додава дека поради овие напади се очекуваат големи проблеми во сообраќајот, како на денот на свеченото отворање, така и за време на викендот.
„Нападот на Олимписките игри е напад врз Франција“, изјави кратко француската министерка за спорт Амели Оудеа-Кастер.