Директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов, денеска упати апел до земјоделците за поголема внимателност при користење на плински уреди и до граѓаните кои живеат или поседуваат куќи, напуштени куќи или викендици, поради зголемената опасност од пожари. Во земјата има пет активни пожари, а постојано се појавуваат нови.
„На повеќе локации низ државата земјоделците користат плински уреди за бркање на птиците, што претставува голема опасност за предизвикување пожари на отворено. Веќе имаме потврден случај на експлозија на плинска боца, која благодарение на брзата интервенција на пожарникарите, не прерасна во голем пожар. Апелирам до сите кои користат вакви уреди да бидат исклучително внимателни и да ги користат во согласност со законските прописи,“ рече Ангелов.
Тој упати и апел до граѓаните кои имаат куќи, викендици или напуштени куќи, да внимаваат на можни дефекти на електричната инфраструктура, како лабави или допрени жици, и да ги пријават до ЕВН, бидејќи тие претставуваат ризик од предизвикување на пожари.
Во однос на новите пожари, Ангелов информира дека има голем пожар на албанската страна на Преспанското Езеро, кој би можел да навлезе на непристапен терен во Македонија каде има борова шума. „Сме во комуникација за да започнеме гасење од албанската страна,“ додаде тој.