(ФОТО) Велелепна прослава на славата на храмот „Света Петка“ во Рокдејл, Сиднеј

Во Рокдејл торжествено беше прославена славата на македонскиот храм „Света Петка“, односно празникот на преподобната маченичка Параскева – Петка Римјанка.

Голем благослов за оваа македонска црковна општина во Сиднеј, Австралија беше посетата на Архиепископот г. Георгиј од Руската задгранична православна црква, кој на покана на нашиот надлежен Митрополит г. Тимотеј и со негов благослов благоволи да ја донесе чудотворната Курска икона и да отслужи Света архиерејска литургија по повод славата на храмот.

На Архиепископот г. Георгиј му сослужуваа: старешината на храмот отецот Владо Недески и о. Александар Ивановски од МПЦ-ОА,  отците Борис, Јоаким, Дионисиј, Андреј и Василиј од Руската задгранична православна црква, како и отците Миодраг, Никола, Веселин и Јован од Српската православна црква.

На Литургијата присуствуваа голем број верници. После свечената богослужба, во црковната сала беше послужена славска трпеза за сите присутни, а на почитуваниот Архиепископ г. Георгиј од страна на управата и македонската заедница му беа дадени пригодни подароци во знак на благодарност и за сеќавање на неговата посета.

Нека е за многу години!

 

 

liturgija.mk