Попладне доаѓа силно невреме во Македонија

Почитувани, како што веќе најавив, од денес (среда 14.8.2024) влегуваме во нестабилен временски период, што значи дека атмосферата полека ќе се дестабилизира. Токму поради ова, во попладневните  и во вечерните часови локално ќе се развиваат грмотевични облаци кои ќе условуваат појава на пороен дожд, грмежи и засилен ветер.

Поради загреаната атмосфера која е исполнета со многу енергија, и тоа поради екстремно топлиот бран “ЛУЦИФЕР” кој условува екстремно високи температури на воздухот, локално процесите ќе бидат доста интензивни и застапени во форма на силно невреме, проследено со обилен пороен дожд, силен ветер, силни и чести електрични празнења и со појава на град кој во баква ситуација би можел да биде покрупен.

И во делови од Скопската котлина, во следните денови ќе има појава на пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Можна е и појава на невреме, проследено со обилен пороен дожд, силен ветер, силни грмежи и електрични празнења  и со појава на град.

Апелираме, во случај на појава на невреме, како и на електрични празнења да не се претстојува на отворен простор  и под осамени дрвја.

Што се однесува до температурите, тие до петок ќе бидат екстремно високи и насекаде ќе надминуваат 30 степени, додека во најтоплите централни и југоисточни предели, како и во Скопската котлина температурите ќе се искачуваат до, па  и над 40 степени, односно до околу 41, 42 степени. Постепено опаѓање на температурите на воздухот, како и намалување на интензитетот на овој екстремно топол бран се очекува од овој викенд, а особено во почетокот на следната седмица.

На следниот линк можете да ја следите алатката за рано предупредување од невреме “НОТАС” и истата е од голема корист за секој граѓанин https://nothas.finki.ukim.mk/

-пишува во својата најнова анализа метеопрогнозерот Славчо Попоски.

 

 

meteoalarm.mk