Најмалку три лица се убиени, а осум се повредени, во напад со нож во Солинген, во германската покраина Северна Рајна-Вестфалија. Нападот се случи вчеравечер (23.08), на прославата на 650-годишнината од градот. Според полицијата, петмина од повредените имаат потешки повреди.
Сторителот е во бегство, изјави портпаролка на полицијата. По него има „голема потрага“. „Во моментов немаме индикации каде се наоѓа“, велат од полицијата. Нема сигурни информации за изгледот на осомничениот кој е во бегство.
Полицијата замоли за помош од населението, односно информации кои би можеле да помогнат за идентификација и фаќање на сторителот. Засега не се коментираат медиумски извештаи дека напаѓачот наводно зборувал арапски.
Портпаролот на Министерството за внатрешни работи на покраината Северна Рајна Вестфалија изјави дека напаѓачот успеал да побегне во метежот и паниката што се проширила по злосторството. Напаѓачот ги избодел своите жртви целно, во вратот. Жртвите се посетители на фестивалот и, како што се вели, сѐ уште не се идентифицирани.
„Ми се скрши срцето“
Градоначалникот на Солинген, Тим Курцбах изрази шокираност по нападот: „Вечерва сите во Солинген сме во шок, ужас и голема тага“, напиша тој на Фејсбук-страницата на градот. Според Курцбах, сите сакале заедно да ја прослават годишнината на градот, а сега „треба да жалиме за смртта и повредените. Срцето ми се скрши што имаше напад врз нашиот град. Со солзи во очите мислам на оние кои ги загубивме. Се молам за сите што сѐ уште се бори за живот“. Курцбах им се заблагодари на сите спасувачи и припадници на силите за безбедност за нивните напори.
И премиерот на покраината Северна Рајна-Вестфалија, Хендрик Вист изрази ужасеност од нападот. „Цела Северна Рајна-Вестфалија стои на страната на луѓето во Солинген, особено на страната на жртвите и нивните семејства“, напиша тој на платформата X. Неговата „голема благодарност“ оди до „многубројните спасувачи и нашата полиција кои во овие минути се борат за човечки животи“.