Четврток и петок 29 и 30 август уписи на УКИМ, слободни над 9900 места

Во четврток и петок (29 и 30 август 2024) е пријавувањето во првиот рок за упис во прва година додипломски студии на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“-Скопје за студиската 2024/2025 година.

На 23-те факултети во составот на УКИМ слободни се 9921 место за нови студенти, од кои 4761 за редовни студенти во државната квота, 4210 за редовни студенти кои ќе ги кофинансираат студиите и 950 места за вонредни студенти.

Според Конкурсот кој УКИМ го објави во јуни, како и во минатите години, најголем број слободни места има на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство-ФИНКИ (1020), Природно-математичкиот факултет-ПМФ (1030), Филозофскиот со 895 места, Филолошкиот факултет со 790, Правниот со 705, Економскиот факултет со 700 слободни места.

Цената на партиципацијата за студии за редовните студенти во државната квота е непроменета и останува 200 евра годишно, а за редовните што ќе ги кофинансираат студиите и за вонредните студенти износот е 400 евра како и во минатите години.

Во Конкурсот се содржани условите и критериумите за упис, начинот на пресметка на поените од државната матура и постигнатиот успех во средното образование и потребните документи за конкурирање.

Резултатите од првиот уписен рок на УКИМ ќе бидат објавени на 3 септември, конечната ранг-листа на 6 септември и на 11 и 12 септември ќе биде запишувањето на примените кандидати.

Вториот уписен рок на Скопскиот универзитет е на 17 и 18 септември и третиот на 27 септември 2024.

Министерството за образование и наука во јуни ги објави утврдените квоти за запишување во прва година – прв циклус на студии на јавните високообразовни установи во академската 2024/2025 година, согласно одлуката на Владата.

 

skopjeinfo.mk