Со големи народни собири секоја година на 28 август се одбележува еден од најголемите христијански празници „Успение на Пресвета Богородица“ или „Голема Богородица“. Верниците на овој ден ги посетуваат најблиските цркви или манастири и се молат на мајката Богородица за здравје, среќа и благосостојба. Екипата на МИА го посети манастирот во Матка, каде деновиве се прават последните подготовки за одбележување на овој голем ден, кој воедно е нивниот патронен празник.
Манастирот Успение на Пресвета Богородица (познат и како Манастир Матка) се наоѓа веднаш на левиот брег на реката Треска, по браната на езерото Матка, на околу 17 километри од центарот на градот Скопје. Тој е активен манастир во кој постои женско монашко сестринство.
Сестрите во манастирот ги организираа последните подготовки за претстојниот празник, го чистеа дворот, ја подготвуваа летната кујна. Во манастирот можевме да забележиме дека доаѓаа верници кои доброволно се пријавиле да помогнат околку подготовките за празникот.
На 28 август манастирот секогаш е посетен од илјадници скопјани како на црковните служби посветени на Успението на пресвета Богородица, така и на големата општонародна веселба проследена со манастирска трпеза (гравче) и музика. Ова е традиција која што се одржува со години.
Сестрата Доротеа во изјава за МИА ни објасни дека манастирот датира од 1337 година, а фреските се од 1497 година. Како што посочи, за одржување на самиот манастир најмногу се грижи сестринството.
-Манастирот датира од 1337 година, оваа градба што е сега. Фреските се од 1497 година. Имало тука ранохристијански храм од четврти до шести век, заклучно со шести век. За одржување на манастирот главно сестринството се грижи, имаме економија на самоодржливост, вели сестрата Доротеа.
Изработка на свештени одејанија, бројаници, лековити производи, природни масла и креми
Она што е значајно е тоа што сестрите во овој манастир изработуваат бројаници, свештени одејанија, лековити производи, зимници, везени производи, оплеменети производи, приврзоци. Имаат и пчелни производи, создаваат природни масла и креми.
-Изработуваме свештеници одежди, се што е потребно за опремување од платно, од везење за една црква. Изработуваме, цртаме кадилници, шолји, бројаници. Има повеќе работи кои ги создаваме, во нашата продавничка може да се види дека продаваме и ликери и креми. Од неодамна имаме и пчели. Немаме мед сега за продавање, но од тоа што го имаме од пчелите, ги правиме природните производи како масленца, креми, за толку имаме. Немаме мед за продавање, но имаме пчелни производи за производство на тие природни работи, додава сестрата Доротеа за МИА.
Сестринството денот го започнува во раните утрински зори со собирање на краток синаксис, на којшто се читаат кратки поуки од свети отци, како подготовка за келијното молитвено правило, се до започнувањето на дневните послушанија, при кои се изработуваат и манастирските производи. Сестрите за време на послушанијата го негуваат молчанието и постојаното кажување на Исусовата молитва.
Сите активности во манастирот редовно се објавуваат во дигитализирана форма
Инаку, сите производи кои се создаваат во манастирот и можат да се купат, се објавени и на нивната веб-страница, па заинтересираните купувачи можат да си нарачаат онлајн. Сите активности на сестрите во манастирот се презентирани и во дигитална форма на оваа нивна веб-страница. Во делот на одржување на веб-страницата задолжени се сестрите во соработка со стручните лица.
-Одеждите и сите наши останати производи ги имаме на нашиот сајт. Заинтересираните купувачи порачуваат и преку сајтот, но и има и директно што доаѓаат во продавничката и во работилницата. Посетителите се заинтересирани и за одеждите. Ние шиеме и изработуваме за Македонската православна црква (МПЦ), за Македонците надвор од Македонија, како и за цела православна игумена. Се порачува и од странство. Сме шиеле за Грција, за Русија, за Финска, за Американската православна црква, за Финската православна црква, за Америка и Австралија, за нашите иселеници во Европа. Немаме големо производство, но сме изработувале за повеќе држави, рече сестрата Доротеа за МИА.
МИА