Советничка во Општина Карпош и членка на невладината организација „О2 Иницијатива“ која водеше битка против изградбата на зградата кај Воена болница, добивала закани дека ќе ѝ биде силувана ќерката.
„Телефонски добиваше закани да престане да зборува и да бара поништување на дозволата за градба на зградата кај Воена болница, во спротивно ќе и биде силувана ќерката. Овие закани се пријавени во полиција, но за жал епилог нема”, рече Татјана Чакулев од „02 Иницијатива“.
За зградата кај Воена болница која се гради и Општина Карпош не сака да ја стопира градбата, „О2 иницијатива“ поднесе претставка до Министерството за транспорт и врски.
„Министерството како второстепен орган може да ја поништи градежната дозвола и очекуваме дека министерот Александар Николоски ќе го стори тоа”, додаде Чакулев.
О2 Иницијатива со помош на УСАИД изработи платформа за борба на граѓаните и граѓанските иницијативи со корупцијата во урбанистичкото планирање. На платформата граѓаните можат да ги добијат сите информации за тоа како се носат урбанистичките планови, како да пополнат анкетни листови, а има и алатка за пријавување на корупција. Од О2 велат дека со оваа платформа ќе им помогнат на граѓаните подобро да ги разберат постапките за носење на ДУП-овите, да препознаа корупција и да бидат погласно како станува збор за хаосот со урбанистичкото планирање особено во Скопје.