Националната забрана за мобилни телефони во холандските училишта стапи на сила во понеделникот. На почетокот од оваа година мобилните телефони беа забранети во училниците во средните училишта, а сега со почетокот на новата учебна година оваа мерка е проширена и во основните училишта.
Министерството за образование во Хаг соопшти дека мобилните телефони го одвлекуваат вниманието на учениците и ја намалуваат нивната способност за концентрирање, што има штетно влијание врз перформансите во учењето.
Телефоните сè уште можат да се користат на час доколку се неопходни за содржината на часот, на пример, кога се учи за медиумските вештини. Учениците можат да користат мобилни телефони и доколку е потребно поради здравствени причини, а училиштата се одговорни за спроведување на забраната на лице место.
И атмосферата се подобрува во училиштата каде мобилните телефони се забранети дури и за време на одморите, објави телевизискиот канал NOS.
„Паузите (меѓу часовите) се посоцијални затоа што учениците во крајна линија почесто да разговараат меѓу себе“, вели истражувачот Лоес Паувелс од Универзитетот Радбауд во Нијмеген.
Забраната на мобилни телефони во училиштата е тема на контроверзна дебата во Холандија. Но, во исто време, многу родители тврдеа дека децата од основно училиште воопшто не треба да имаат паметни телефони, токму поради ризикот од зависност од социјалните мрежи.
Грција и Италија ги забранија мобилните телефони во училниците, додека Германија веќе подолго време дебатира за таков потег.
Една неодамнешна студија на Организацијата за економска соработка и развој (OECD) препорачува ограничена и одговорна употреба на мобилни телефони во училиштата.