Четири лица убиени во училиште во Џорџија, напаѓачот е 14-годишен ученик

0
44

Во средно училиште во американската сојузна држава Џорџија се случи пукање во кое загинаа четири лица, а девет беа ранети.

Убиени се двајца ученици и двајца професори, а напаѓачот бил 14-годишен ученик, соопштија локалните власти, пренесува Гласот на Америка.

Бирото за истраги во Џорџија соопшти дека полицијата интервенирала во средното училиште „Апалачи“ во градот Виндер, по пријава за пукање.

Директорот на Бирото, Крис Хоси, изјави дека двајца училишни полицајци се соочиле со напаѓачот неколку минути откако било пријавено пукањето.

Осомничениот ученик од тоа училиште, идентификуван како Колт Греј, веднаш се предал и бил уапсен.

Во текот на вечерта беа објавени и имињата на жртвите. Во престрелката загинаа 14-годишниците Мејсон Шермерхорн и Кристијан Ангуло и наставниците Ричард Аспинвал (39) и Кристина Ирими (53).

За деветмината ранети, пак, се очекува да закрепнат, посочија локалните власти.

Сè уште се истражува како осомничениот го набавил оружјето и како го донел во училиштето. Полицијата соопшти дека тој разговарал со истражителите, но не и дали напаѓачот кажал кој му бил мотивот за нападот.

Исто така, од полицијата не прецизираа каков вид на оружје користел малолетникот. Неколку медиуми, вклучително и Си-ен-ен, објавија дека се работи за полуавтоматска пушка АР-15.

14-годишникот ќе одговара за убиство и ќе му се суди како полнолетен.

Ова средно училиште има околу 1.900 ученици и е второ по големина во округот Беру.

За пукањето се огласи и американскиот претседател Џо Бајден.

„Џил и јас тагуваме за оние кои ги загубија животите поради бесмисленото вооружено насилство и со мислите сме со преживеаните чии животи засекогаш ќе бидат променети“, рече Бајден, повикувајќи ги републиканците да соработуваат со демократите на „законите за контрола на оружјето“.

Демократскиот претседателски кандидат Камала Харис го нарече пукањето „бесмислена трагедија“.

„Страшно е што во нашата земја секој ден родителите ги испраќаат своите деца на училиште загрижени дали ќе се вратат живи дома“, рече Харис на митинг во Њу Хемпшир.

Републиканскиот претседателски кандидат Доналд Трамп изјави дека „болното и разбеснето чудовиште прерано ги зеде саканите деца на нивните родители“.

Ова е првиот „планиран напад“ во училиште оваа есен, рече Дејвид Рејдман, кој ја води базата на податоци за пукањата во училиштата. Училишната година во САД за дел од децата започна пред еден месец, додека другите започнаа оваа недела.

Во изминатите две децении во САД имаше стотици престрелки во образовни институции, а најсмртоносната беше на Универзитетот во Вирџинија во 2007 година, кога беа убиени повеќе од 30 луѓе.