1 777 работници со ниски примања добија ваучери од 300 евра за одмор до декември

0
37

Првите десетмина работници со примања во семејството што не надминуваат 50.000 денари, денес, од министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, добија ваучери во вредност од 18.000 денари за одмор во домашни угостителски капацитети. Ваучери им се одобрени на вкупно 1.777 работници, а имињата се објавени на веб-страницата на Министерството за економија и труд. Одобрениот износ од 300 евра работниците ќе може да го искористат најдоцна до 1 декември во угостителски објекти за кои Министерството ќе објави список на 15 септември.

Мерката ја најави претходниот министер за економија, Крешник Бектеши, во февруари годинава, со цел да им се помогне на угостителите да имаат гости и по завршувањето на туристичката сезона, но и да им се овозможи одмор на семејствата со ниски примања.

Сегашниот министер Дурмиши извести дека интересот за оваа мерка бил голем.

„Интересот за оваа мерка беше многу голем и од страна на угостителите и од страна на пријавените. Со ова активност им помагаме на угостителите да може да остваруваат дополнителен приход надвор од туристичката сезона, а на работниците со ниски примања им овозможува да користат угостителски услуги во нашите туристички центри“, рече министерот Дурмиши.

Потврдите треба да се подигнат лично во Министерството за економија и труд со приложување документ за идентификација.

 

skopjeinfo.mk