По пожарите – дрвокрадци ги сардисаа македонските шуми

0
67

Дрвокрадците не спијат ниту дење, ниту ноќе, обидувајќи се да извлечат се што е вредно од шумите низ Македонија и да го продадат пред почетокот на зимата.

По големите огнени стихии коишто нанесоа огромна штета на македонските шуми, есенва се заканува нова опасност. Дрвокрадците не спијат ниту дење, ниту ноќе, обидувајќи се да извлечат се што е вредно од шумите и да го продадат пред почетокот на зимата. Кубик дрва последниве години почна да вреди како „чисто злато“. Повеќето домаќинства се загреваат се уште на дрва или пелети, што е дополнителен поттик за дрвокрадците и препродавачите за дебела заработка секоја зима.

Изминатата недела во неколку акции беа запленети камиони полни со огревни нежигосани дрва. Вработени во Национални шуми велат дека станува збор за добро разработена шема која што фунционира со години наназад. Со оглед на тоа дека се огромни пари во игра, во ланецот се вклучени речиси сите институции. Штетата која што им се нанесува на шумите е огромна. Ако пожарите летово „проголтаа“ околу 1,5 милијарди денари, последиците од кражбите на шумскиот фонд се далеку поголеми.

Извештајот на „Глобал форест воч“ објавен пред неколку години покажа дека над 35 илјади хектари шума се загубени во Македонија во последните 17 години, поради бесправна и прекумерна планска сеча на дрва. Проценките се дека шумската мафија заработува и до 25 милиони евра годишно од нелегалното сечење дрва.

Дрвокрадците не мируваат ни дење ни ноќе
Деновиве на влезот во село Дрслајца, општина Струга е одземено едно возило со кое се превезувале букови огревни нежигосани дрва. Дека дрвокрадците не мируваат ниту во недела, покажа и неодамнешна акција над Банско на планината Беласица. По претходно добиени информации, шумочуварската служба на подружница „Плачковица” – Радовиш при ЈП „Македонски Шуми”, во неколку наврати одзедоа поголема количина бесправно посечена дрвна маса која на добро обработен софистициран начин била доставувана до крајните купувачи.

„Се работи за одземена количина дрвна маса од група која подолг период работела на овој начин. Прибавени се сите потребни докази за дополнително утврдување поголема вина, а со цел целосно прекинување на овој нелегален канал преку кој во минатото се снабдувале огромен број семејства во радовишко“, информираше заменик – директорот на Национални шуми, Кире Михаилов.

И при заедничка контрола составена од припадници на МВР, шумската полиција и вработени во ЈП „Македонски Шуми” од подружницата во ПШС Крушево, неодамна беше откриена група која без соодветна дозвола исекла поголема количина квалитетни дабови огревни дрва на границата меѓу подружниците Крушево и Демир Хисар. Дрвата се конфискувани.

DW