Мицкоски: За 100 дена отплаќаме долг од две милијарди денари на Фондот за здравствено осигурување

Денеска на покана на директорот на Фондот за здравствено осигурување сме овде. Можевме да видиме каква е реалната состојба што е она што тие како менаџмент го наследија од претходниот менаџмент на Фондот. Самите слушнавте дека станува збор за долг од отприлика пет милијарди денари. Тоа е некаде околу 80-тина милиони евра и повеќе, изјави претседателот на Владата, Христијан Мицкоски.

Со едно домаќинско работење и со би рекол вешто реструктуирање на овој долг тој ќе се намали многу брзо за две милијарди, слушнавте и од самиот директор. Што значи дека ќе дојде на некое, би рекол подносливо ниво од 3 милијарди, но треба да се спушти уште повеќе и правиме план како Влада да во периодот што следи, можеби ете да речеме во текот на следната фискална година, уште повеќе да го намалиме тој долг. А очекуваме и со домаќинско, вредно, посветено работење на новиот менаџмент во болниците и во здравствените установи низ државата да дел од тие долгови бидат и по тој пат вратени назад. Јас можам да кажам дека како Влада врвен приоритет ни е здравјето на граѓаните. Како Влада ќе останеме посветени на поддршка и на Министерството за здравство и на Фондот за здравствено осигурување. Интересот на граѓаните е пред и над сѐ и јас лично со оваа моја денешна посета сакам само тоа да го потврдам и да честитам на Фондот, на менаџментот на Фондот, на Министерството за здравство што за вака кратко време успеаја да се консолидираат и да ги земат работите, што се вели народски, во свои раце и да вратат околу две милијарди денари, што е нешто коешто досега не се случило, ако се има предвид дека, како што кажа самиот директор, во првата половина од годината, тој долг е зголемен за цела една милијарда. Па сега вие можете да замислите со какви цели биле тие пари и каде биле употребувани, истакна Мицкоски.

Премиерот се надева дека следната година нема има долг и на тој начин ќе се обезбедат тековно сервисирање на обврските.

Со тековно сервисирање на обврските и цените ќе паднат, ќе значи помалку расходи, повеќе приходи и на тој начин ќе можеме да на граѓаните им понудиме дополнителни услуги здравствени коишто тие ќе можат да ги користат, додава Мицкоски.