Во Отешево, за првпат во историјата на Заводот за превенција, лекување и рехабилитација на хронични, респираторни, неспецифични и алергиски заболувања, се преземени значајни мерки за подобрување на квалитетот на здравствените услуги и работните услови за медицинскиот персонал. Оваа иницијатива е резултат на инвестицијата на Министерството за локална самоуправа и Владата на Швајцарија, преку Програмата „Одржлив и инклузивен рамномерен регионален развој“. Проектот е од клучно значење за подигање на нивото на здравствените услуги и ќе игра важна улога во подобрувањето на животниот стандард на локалното население.
Министерот за локална самоуправа, Златко Перински и амбасадорката на Швајцарија, Вероник Улман денеска во Отешево го посетија Заводот, цо цел да разговараат со крајните корисници, да го посведочат напредокот и процесот на спроведување на мерките за подобрување на условите во установата. Домаќини и соговорници им беа директорот на Заводот, Благоја Китановски, градоначалникот на Ресен, Јован Тозиевски и директорот на Центарот за развој на Пелагонискиот плански регион, Јосиф Балтов. Присутни беа и градоначалниците на општините Битола, Прилеп, Демир Хисар, Кривогаштани, Новаци, Могила, Долнени кои како регионален совет на регионот заеднички одлучија да се инвестира во Заводот.
Министерот за локална самоуправа, Перински, изрази задоволство што пациентите во специјализираната установа во Отешево сега можат да добијат квалитетна здравствена грижа со значително подобрени услови и модерна опрема.
„Ме радува што сите пациенти во оваа специјализирана установа, единствена од тој тип во земјава, сега може да добиваат медицински третман по сите стандарди. Благодарение на поддршката која ја имаме од Владата на Швајцарија, минато време е кога третманите се изведуваа во отежнати услови поради немање соодветна опрема и инфраструктура. Со реконструкцијата, ги подобривме условите за рехабилитација, а зголемен е и капацитетот на лицата кои имаат потреба од услугите кои ги нуди заводот. Ова е од исклучително значење, бидејќи тој по својата функционалност и начин на делување нема само регионално, туку и национално значење, затоа што тука се лекуваат и пациенти од целата држава, но и од регионот“, изјави министерот Перински, по обиколката на здравствената установа во Отешево.
„Драго ми е што преку оваа неколугодишна соработка допринесовме кон зајакнување на капацитетот на регионалните центри кои впрочем се клучни за поддршка на општините да соработуваат и заедно да ги идентификуваат потребите и приоритетите на регионот. Регионите во Северна Македонија се соочуваат со широк спектар на развојни предизвици, регионалните центри ги поттикнуваат општините преку регионалниот совет на партиципативен и транспарентен начин да одлучуваат за проекти кои директно ги адресираат потребите на луѓето“, изјави Швајцарската амбасадорка, Вероник Улман, која потрвди дека Швајцарија ќе продолжи да ја поддржува државата во напорите за локален развој.
Директорот на Заводот, Благоја Китановски, ја нагласи успешната реконструкција и модернизација на установата, истакнувајќи ги новите капацитети и услуги што им се достапни на пациентите.
„Веќе работиме со полн капацитет, реконструирани се кровот, 18 соби, делот за приемна дневна терапија, лабораторија за спирометрија, набавен е сет од дигитална апаратура за физикална терапија, извршена е реконструкција и на тоалетите. Благодарение на Министерството за локална самоуправа и Владата на Швајцарија, сега на пациентите им овозможуваме физикален третман, кинезитерапија, вежби за дишење, дренажи, кондициски вежби, инхалации и други методи, според највисоките светски стандарди, а новата опрема за физикална терапија овозможи да пружаме современ третман и на пост ковид пациентите“, истакна Китановски.
Градоначалникот Јован Тозиевски ја истакна важноста на обновениот Завод во Отешево како болница од национално значење и потенцијал за развој на здравствениот туризам во регионот.
„Најпрвин да се заблагодарам на сите кои учествуваа во овој имплементацијата на овој проект. Преку оваа иницијатива, нацијата ја увиде потребата и значењето на оваа установа, посебно во времето на Ковид кризата, дека станува збор за бисер на Македонија и болница од национална вредност. Убеден сум дека овој проект е само иницијална каписла за започнување на комплетирање на приказната Отешево. Се надевам дека повеќе нема да зборуваме за Ковид криза и потребата од болницата за таа намена, тука ќе ја користиме за целите на здравствениот туризам, за да им ги доловиме на пациентите и корисниците на услугите, убавините што ги нуди Преспа и посебно овој регион како единствена воздушна бања на Балканот. Покрај оваа установа, потребно е да работиме и на рехабилитирање на другите објекти од центарот“, истакна Тозиевски.
Директорот на Центарот за развој на Пелагонискиот плански регион, Јосиф Балтов објави успешна имплементација на проектот за реновирање на установата, со цел да се подобрат здравствените услуги и да се развие здравствениот туризам.
„Центарот за развој на Пелагонискиот плански регион успешно го имплементираше проектот за реновирање на Заводот за превенција, лекување и рехабилитација на хронични, респираторни, неспецифични и алергиски заболувања – Отешево со поддршка на Владата на Швајцарија, Министерството за локална самоуправа и Општина Ресен. Оваа установа според својата функционалност и начин на делување во своето подрачје, има нe само регионално, туку и национално значење, затоа што во неа доаѓаат пациенти од целата држава и странство. Покрај придонес кон подобрување на здравствените услуги за граѓаните на овој регион и пошироко со проектот се придонесува и кон отворање на можноста за развој на таканаречениот здравствен туризам за кој овој дел од регионот има предиспозиции. Дополнителна вредност на овој проект што истиот е резултат на серијата на регионални форуми на заедницата кои што Центарот за развој на Пелагонискиот плански регион ги спроведе како алатка за приоретизација на регионални проблеми и потреби и преку кои дирекно се пренесува гласот на граѓаните од сите наши општини“, посочи Балтов.
Заводот за превенција, лекување и рехабилитација на хронични, респираторни, неспецифични и алергиски заболувања – Отешево постои повеќе од 42 години и на пациентите им овозможува физикален третман, кинезитерапија, вежби за дишење, дренажи, кондициски вежби, инхалации и други методи според највисоките светски стандарди. Сите овие третмани, до пред реализацијата на проектот, се изведуваа во отежнати услови поради немање соодветна опрема и инфраструктура.
Осовременувањето на установата чинеше 23.483.676 денари, Министерството партиципираше со 13.203.086 денари, а 10.280.590 денари обезбеди Швајцарската агенција за развој и соработка.