Маск стана мегадонатор: Даде 75 милиони долари за кампањата на Трамп

0
23

Американскиот милијардер Илон Маск дал околу 75 милиони долари на својата организација (America PAC) која се бори за победа на Доналд Трамп на претседателските избори во САД.

Организацијата се обидува да го зголеми одѕивот на гласачите кои ќе го поддржат Трамп на изборите во клучните сојузни држави, а во периодот од јули до септември потрошила околу 72 милиони долари, покажуваат податоците доставени до Федералната изборна комисија на САД.

Тоа е повеќе од кој било друг донатор што сака да ги мотивира поддржувачите на Трамп да излезат на гласање, пишува Ројтерс.

Кампањата на Трамп во голема мера се потпира на надворешни групи за мотивација на гласачите, што значи дека организацијата на Маск – најбогатиот човек на светот, игра важна улога во изборната трка меѓу републиканскиот кандидат и неговата демократска ривалка Камала Харис.

Во објава на платформата Икс (поранешен Твитер), чиј сопственик е тој, Маск најави дека ќе „одржи серија разговори“ ширум Пенсилванија која се смета за клучна држава и за Трамп и за Харис.

Маск, кој рече дека претходно гласал за претседателските кандидати на Демократската партија, но на овие избори направи остар пресврт надесно. Тој го поддржа Трамп во јули и се појави со него на митинг во Пенсилванија претходно овој месец.

Донациите што ги дава за кампањата го сместуваат во ексклузивниот клуп на републикански мегадонатори, листа на која се наоѓаат и банкарскиот наследник Тимоти Мелон и Миријам Аделсон, сопственичката на казино и најбогатата личност со израелско државјанство.

 

slobodnaevropa.mk