За една година долгот на македонската метропола Скопје порасна за три пати. Истражувањето на Радио Слободна Европа покажа дека зголемувањето на долгот делумно се должи на непродуктивни трошоци, како што се набавка на дрвја за речиси милион евра, скапи судски спорови и за извршители. Градските власти за Радио Слободна Европа велат дека буџетот е стабилен, а долговите се од претходните скопски градоначалници. Во меѓувреме, градските јавни претпријатија поради долгови едвај го чистат сметот, а јавен превоз речиси и да нема.
Град Скопје купува садници и по 600 евра за стебло, додека во „Паркови и зеленило“ тие се и до десет пати поевтини
Светската рејтинг агенција Стандард и Пурс го намали кредитниот рејтинг на Скопје два пати за една година поради долговите
Извршители наплатиле над милион евра од Градот Скопје.
Сенка на скопјани ќе им прават дрвја вредни речиси 900 илјади евра. Со потпис на скопската градоначалничка Данела Арсовска и директорот на скопското јавно претпријатие „Паркови и Зеленило“, Сефи Шабани, Градот Скопје во 2023 склучил рамковен договор за набавка на садници вредни и до 600 евра по стебло, додека долгот на Град Скопје од лани до сега порасна од три на речиси 11 милиони евра.
Во меѓувреме, светската рејтинг ангенција „Стандард и Пурс“ го намали кредитниот рејтинг на Градот, два пати за една година. Тоа значи дека се отежнува процесот на натамошно задолжување.
Дел од садниците наведени во рамковниот договор кој го склучил Градот Скопје се езготични и чинат и по неколку стотина евра од стебло, иако можат да се најдат и за десет пати поевтино во скопското претпријатие „Паркови и Зеленило“, кое е основано од Град Скопје.
Ова го покажува споредбата на понудата објавена во склучениот договор на Бирото за јавни набавки и официјалниот ценовник на „Паркови и зеленило“ одобрен минатата година од Советот на градот.
slobodnaevropa.mk