Телото на Алекс Салмонд со приватен лет испратено во Шкотска

0
26

Шест дена по ненадејната смрт на поранешниот прв министер на Шкотска, Алекс Салмонд во Охрид, ковчегот со неговото тело со приватен авион пристигна од Северна Македонија кон Абердин, Шкотска. Салмонд почина во саботата (12.10) од срцев удар додека учествуваше на конференција во Охрид.

Неговото тело од Охрид беше испратено со високи почести и едноминутно молчење. Ковчегот го носеа шестмина припадници на македонската Армија, во присуство на поранешната пратеничка на Шкотската национална партија (СНП) и претседателка на партијата Алба, Тасмина Ахмед-Шеик.

Авионот изнајмен и платен од бизнисменот Сер Том Хантер, полета од Охридскиот аеродром Свети Апостол Павле околу 9.20 часот. Телото на Салмонд попладнево ќе биде пренесено во североисточниот дел на Шкотска, блиску до неговиот дом во Стричен, Аберденшир, чиишто гласачи ги претставуваше и во британскиот и во шкотскиот парламент.

Телото на Салмонд ќе го пречека неговото семејство и лидерот на партијата, Кени Мекаскил.  Во план е да се организира приватен семеен погреб и јавна црковна служба.

Приватен лет место Кралски воздухоловни сили

Семејството Салмонд изминатите денови во разговори со владите на Обединетото Кралство и на Шкотска се обидуваше да изнајде решение како да се врати неговото тело дома. Неговиот пријател и конзервативен пратеник, Сер Дејвид Дејвис, се заложи Кралските воздухопловни сили да се користат за враќање на неговото тело. Но, место тоа, беше донесена одлука да се користи приватен чартер лет.

„Додека јас и тој не се согласувавме за некои на неговите амбиции, Алекс Салмонд го посвети својот живот на Шкотска и на шкотскиот народ и тој, како и неговото семејство, заслужија достоинствено враќање во неговото родно место“, рече Дејвис.
Салмон почина за време на учеството на Школата за млади лидери којашто се одржа во Охрид, во организација на поранешниот претседател Ѓорге Иванов.

Александар Елиот Андерсон Салмонд e роден на 31 декември 1954 година, тој е шкотски политичар, економист и телевизиски водител, кој беше прв министер на Шкотска од 2007 до 2014 година. Тој бил лидер на партијата Алба од 2021 година. Салмонд беше лидер на Шкотската национална партија (СНП), во два наврати, од 1990 до 2000 година и од 2004 до 2014 година.

 

DW