Шест милиони евра субвенции за летови по нов модел

Од 2025, Владата ќе дава по 9 и 12 евра за секој патник што ќе пристигне на скопскиот и охридскиот аеродром. Субвенциите нема да ги зема само една или две авиокомпании, туку тие ќе се делат според дестинации. Јавниот повик заврши, а деновиве се очекува да се објават и резултати. Очекувањата на власта се дека на годишно ниво, на двата аеродроми во земјава ќе има по 200.000 патници повеќе.

Нови авиолинии до Скопје и Охрид треба да почнат да функционираат по Нова година до двата аеродроми во земјава – Меѓународниот аеродром Скопје и „Св. Апостол Павле“ во Охрид. Деновиве завршува евалуацијата на понудите што ги доставија авиокомпаниите по јавниот повик за субвенции што го распиша Министерството за транспорт и се очекува наскоро и официјално да бидат објавени дестинациите со кои ќе се поврзат двата македонски аеродроми.

Очекувањата се дека новите авиолинии нема да бидат само до земјите од ЕУ, а како примери министерот за транспорт Александар Николоски, ги посочи земјите и од Блискиот Исток и други дестинации од каде се очекуваат повеќе патници и туристи.

Субвенциите се одвиваат по нов модел, во кој меѓу новините е тоа што тие се даваат за патник по доаѓање, наместо по заминување како што беше досега.

„Со самиот факт што финансиската поддршка ќе се дава по патник за доаѓање, очекуваме годишен раст на бројот на патници за плус околу 200 илјади. Овој концепт ќе донесе повеќе туристи, ќе се отворат нови дестинации за граѓаните и крајна цел е очекувано позитивно влијание во домашната економија. Дополнително очекуваме домашните аеродроми да бидат сериозна конкуренција на аеродромите во регионот“, велат од Министерството за транспорт за Радио Слободна Европа.

slobodnaevropa.mk