Молдавија со тесно мнозинство го избра европскиот пат

0
17

Про-европската претседателка на Молдавија, Маја Санду во понеделникот го поздрави исходот на референдумот оценувајќи дека нејзината опција „победила праведно во неправедна битка“, нагласувајќи го руското мешање како клучен фактор за тесниот исход.

Надежите во Брисел за убедливо мнозинство во корист на ЕУ на референдумот паднаа во вода, и покрај најавената економска помош за Молдавија од 1,8 милијарди евра.

Молдавија, која географски се наоѓа меѓу Украина и Романија, е земја-кандидат за членство во ЕУ, но традиционално е растргната меѓу Истокот и Западот.

Откако беа пребројани речиси сите гласачки ливчиња, изборната комисија соопшти дека 50.39% од гласачите гласале во прилог на промена на Уставот и внесување на ЕУ како стратешка цел. Околу 49.61% биле против, што ја покажува силата на про-руската опција. Досега пребројани се 99.41% од гласовите.

Русија бара докази
Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен им честиташе на земјата и на претседателката на победата и покрај мешањето на Русија.

„И покрај хибридната тактика на Русија, Молдавија покажа дека е независна, силна и сака европска иднина!“, порача Фон дер Лајен на Твитер.

Санду се жалеше на масовна изборна измама веднаш по гласањето, и обвини дека „криминални групи“ го лажирале исходот.

Портпарол на Европската комисија оцени Русија подолго време се обидувала „да го дестабилизира демократскиот процес во Молдавија“, наведувајќи го купувањето гласови, масовното гласање и пропагандните кампањи на Русија и нејзините сојузници како примери.

Русија побара од Санду да приложи докази за своите тврдења. Портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков ги оцени обвинувањата на Санду како сериозни.

„Доколку тврди дека освоила премалку гласови како резултат на некои криминални банди, треба да претстави докази за тоа“, рече Песков, додавајќи дека прелиминарните резултати покажале оти многу граѓани не ги споделуваат нејзините политички погледи.

Маја Санду победи на првиот круг од претседателските избори, кои се одржуваа заедно со референдумот, со освоени 42% од гласовите. Во вториот круг, закажан за 3 ноември, таа ќе се соочи со Александру Стојаногло, претставник на про-руската опција, кој освои 26% од гласовите.

 

DW