Не стивнуваат реакциите за назначувањето на Бојан Христовски за прв човек на Агенцијата за национална безбедност. За случајот се заинтересира и Државната комисија за спречување корупција, до којашто пристигнала анонимна претставка со наводи дека Христовски е незаконски именуван на позицијата.
Претседателката на Антикорупциската комисија, Татјана Димитровска за ДВ вели дека веќе се постапува по овој случај. „Предметот е прераспределен кај член на комисијата и по обезбедени докази и изготвена документација, ќе донесеме соодветна одлука за којашто ќе биде информирана и јавноста“, вели Димитровска.
Случајот доби актуелност минатата недела кога Владата го разреши директорот на Агенцијата за национална безбедност (АНБ), Зарко Милошевски и на негово место го назначи Бојан Христовски. Тој на новата функција дојде од Министерството за внатрешни работи, но неговиот партиски ангажман, пред се како претседател на Градскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ му стои како тежок товар на стартот на обавувањето на новата одговорна функција. Опозицијата стравува дека со назначувањето на Бојан Христовски за директор на АНБ, власта спроведува опасна партизација на Агенцијата и на клучните безбедносни институции.
„Понижување и киднапирање“
Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, во понеделникот (21.10) рече дека назначувањето на Христовски за нов директор на АНБ, премиерот Христијан Мицкоски и Владата го направија во диктаторски манир и со киднапирање на една од најсериозните институции во сферата на безбедноста.
„Ние многу време и инвестиции потрошивме таа институција да се професионализира и првите чекори во таа насока почнаа уште со пржинските преговори и разговори и АНБ стана институција во којашто работат одлични професионалци, за кои назначувањето на ваков кадар не значи ништо друго освен една форма на понижување“, рече Филипче. Тој најави дека за овој потег на Владата ќе ги известат сите стратешки партнери на државата и ја повика претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова, да заземе став и да го запре најавеното спојување на АНБ со Агенцијата за разузнавање (АР).
За опозицијата, спорно е што Христовски немал сертификат со степен „државна тајна“. Но, премиерот Христијан Мицкоски деновиве порача дека не гледа никаков проблем во назначувањето на Христовски за нов директор за национална безбедност, но и дека е испраена неправдата којашто му била нанесена во минатото и тој го обезбедил неопходниот сертификат.
Христовски во интервју за емисијата „Код“ на ТВ Телма прашан како успеал и што било пресудно за да стане прв човек на Агенцијата, рече и дека во текот на кариерата ги поседувал сите безбедносни сертификати до „државна тајна“. Тој смета дека во 2020 година, во политички монтирана безбедносна хајка, не му бил продолжен безбедносниот сертификат. Откако се вратил во МВР минатата година, повторно аплицирал за безбедносен сертификат со степен „строго доверливо“ и го добил за експресно брзо време.
Dw