Официјалното мото е малку преопшто: Зајакнување на различноста за правичен глобален развој и безбедност. Од денеска (22.10) во светот ќе се испраќаат позитивни пораки – на терен работат околу 2.000 новинари. Дури и претседателот Владимир Путин ја ублажи својата вообичаена антизападна реторика:
„Она што ја разликува БРИКС од многу други меѓународни организации: БРИКС никогаш не била насочена против никого. Индискиот премиер Моди неодамна кажа многу добро: БРИКС не е антизападна, таа едноставно не е западна…“
Алијансата расте – и по број на членки и по важност
Пред 16 години, Русија беше домаќин на првиот самит, во тоа време сè уште лабавата алијанса на држави БРИК – т.е. Бразил, Русија, Индија и Кина. Јужноафриканската Република се приклучи набргу потоа – тогаш тоа стана БРИКС. Сојузот на држави сега значително се прошири: од јануари, вклучени се Египет, Етиопија, Иран и Обединетите Арапски Емирати.
Благодарение првенствено на големите земји-членки Кина и Индија, БРИКС сега претставува добри 45 отсто од светското население, а исто така ги надминува западните земји од Г7 во однос на брутодомашниот производ – потенцира радосно рускиот претседател.
И Јуриј Ушаков, советник на Путин за меѓународни прашања, го нарече самитот број 16 веројатно најголемиот надворешнополитички настан досега во Русија. Поттекстот е дека западната изолација на Русија поради војната против Украина уште еднаш се покажува како неефикасна. „Покани за самитот беа упатени до 38 држави, членки на БРИКС и земји кои соработуваат со нас. 32 земји потврдија учество и 24 од овие земји потврдија дека ќе дојдат нивните шефови на држави“, рече Ушаков.
И Турција е гостинка, а наскоро најверојатно ќе биде и членка на БРИКС
Бразилскиот претседател Лула да Силва мораше да откаже поради повреда на главата по пад во бањата – ќе се приклучи преку видео врска. Но, се очекува генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш. Планирани се 17 билатерални средби на рускиот претседател, вклучително и со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, кој доаѓа во Казан. За неговата земја, која наскоро исто така ќе биде членка на БРИКС, веќе не важат старите дебати за оските, изјави Ердоган пред неколку дена.
„Го свртевме погледот кон Запад. Но, тоа не значи дека му вртиме грб на истокот или го занемаруваме. Повеќе не живееме во свет кој е црно-бел, во кој треба да изберете еден од двата блока“, рече Ердоган.
DW