Според најновите излези на прогностичките модели, и тоа на двата најажурни модели, Европскиот модел (ECMWF), како и на Глобалниот модел (GFS), до самиот крај на овој месец продолжува стабилното, суво и сончево време со натпросечно високи температури на воздухот преку ден, но наутро останува релативно студено и со појава на магла и на ниска облачност по одделни котлини.
Сепак, најновите ажурирања на истите, како што и претходно најавив, на почетокот на ноември месец, цртаат голема промена на времето и спуштање на многу поладен воздух од северот и од североистокот на Европскиот Континент кон Балканот и Македонија.
Во ваква ситуација, очекуваме вистински зимски температури уште во почетокот на ноември месец, како и прво провејување на снег понекаде и во градовите ширум Балканот.
Сепак, да напоменам дека ќе ги следам понатамошните ажурирања на прогностичките модели, па така навремено ќе бидете информирани за секоја ново – настаната временска состојба.
А вие, секако до самиот крај на овој месец можете да уживате во преубавите есенски денови, исполнети со многу сонце и со пријатни температури преку ден, најавува метеопрогнозерот Славчо Попоски.