Недостиг на лекови во Германија

Чинат само неколку центи, а сепак ги нема: солените раствори од неодамна са дефицитарни во германските болници и аптеки, а итно се потребни за операции и инфузии. Според Томас Прајс, шеф на Сојузот на аптекари во Северна Рајна Вестфалија, ситуацијата драстично се влошила во последните месеци. „Она што со месеци беше голем проблем во клиниките, сега влијае и на згрижувањето на пациентите во амбулантите“, предупреди тој за весникот „Рајнише пост“.

Министерството за здравство на покраината Северна Рајна-Вестфалија потврдува дека има тесни грла. „Според тоа, клиниките во Северна Рајна-Вестфалија и Германија веќе неколку месеци се снабдуваат со околу 80 отсто од нивните потреби, а од неодамна само околу 50 отсто“, се вели од Министерството. Ваквата состојба, според Сојуниот институт за лекови и медицински помагала (БфАрМ), ќе трае со месеци.

Добро познат проблем
Во последниве години, Германија постојано се бореше со недостиг на лекови, како што се антибиотици и лекови за деца. Со сериозни последици: во анкетата на членовите на професионалното здружение на педијатри, направена минатата пролет, околу една третина сметаат дека резултат на недостигот е ризик за квалитетот на лекување.

Освен тоа, според истражувањето, третманите стануваат посложени бидејќи лекарите треба однапред да проверат кои лекови се всушност достапни. Севкупно, Германското здружение на фармацевти изброи околу 500 различни лекови на рецепт со кои веќе се појавиле проблеми.

Но, и другите земји од ЕУ се погодени од тесни грла на некои места. Според истражувањето на ПГЕУ (Фармацевтска група на Европската унија) од 2023 година, ситуацијата неодамна се влошила во неколку земји, вклучувајќи ги Шведска, Португалија и Шпанија.

Евтини активни состојки од Кина и Индија – но по која цена?
Причините за недостигот се сложени, како и сегашното производство на лекови. Додека Германија, со нејзините големи фармацевтски компании како што се Бајер, БАСФ, Берингер Ингелхајм и Бионтек, некогаш се сметаше за „аптека на светот“, чекорите на производство сега се поделени и расфрлани низ светот – со соодветно долги и затоа подложни на нарушувања синџири на снабдување.

Поголемиот дел од активните состојки сега се произведуваат во Кина и Индија. Таму не само што платите се пониски, туку и еколошките регулативи играат помала улога отколку во Европа. За да може супстанциите да се понудат уште поевтино, се форсира и масовно производство и монополизација. Ова значи: сè помалку добавувачи произведуваат сè поголеми количини. „На пример, ако порано имавме десет добавувачи на сируп парацетамол, денес е останат само еден главен снабдувач“, објаснува за ДВ професорот Давид Франкас, експерт за ланците на снабдување од Универзитетот Вормс.

„Значи, се потпираме на само неколку производители. И ако нешто тргне наопаку со еден, тогаш целиот синџир на снабдување ќе се заглави“, објаснува за ДВ и професорката Улрике Холцграбе, експертка за фармацевтска и медицинска хемија од Универзитетот Вирцбург. „Ако има мали катастрофи на рутата за испорака, како што е затвореното пристаниште во Шангај за време на пандемијата на корона или бродот заглавен во Суецкиот канал – тогаш стоката не доаѓа кај нас“.

Наоѓањето решенија не е толку лесно
Проблемот може да го влоши не само поделбата на производството, туку и малите залихи и произведувањето во последен момент. Затоа што тогаш не може да се надоместат краткорочните неуспеси во производниот синџир.

Но, надополнувањето на залихите е скапо, сметаат експертите. Просторите за складирање чинат пари, а не е сигурно дали складираните лекови навистина ќе се продадат. Флуктуациите во побарувачката се огромни. На, пример, побарувачката во „Инфектфарм“ за време на пандемијата на коронавирус падна, бидејќи широко распространетото носење маски доведе до нагло опаѓање на некои други заразни болести. Компанијата мораше да уништи скапи антибиотски сирупи за деца бидејќи не можеше да ги продаде. Две години подоцна, побарувачката повторно вртоглаво порасна.

Проблемот со цената станува особено акутен кога станува збор за генеричките лекови. Генеричките лекови се фармацевтски производи кои се идентични или еквивалентни на оригиналниот лек и сочинуваат околу 70 до 80 проценти од основните залихи. „Тука маржите за производство на такви продукти се исклучително ниски“, вели Холцграбе. Договорите за попуст и други договори кои беа воведени во германскиот здравствен систем пред години, ги принудуваат производителите да произведуваат што е можно поекономично.

 

DW