Според официјалните податоци, 51 лице загинало во големите поплави во шпанскиот регион Валенсија, како што соопштија од регионалната влада.
Најмалку 51 лице загинало во големото невреме во Шпанија само во медитеранскиот регион Валенсија. Ова го објави шпанската новинска агенција Еуропапрес, повикувајќи се на регионалната влада во Валенсија.
Спасувачките работи веќе се во тек на повеќе места. Ситуацијата е особено лоша во медитеранските региони Андалузија, Мурсија и Валенсија, кои се многу популарни кај туристите. На многу места се поплавени улици, куќи и полиња, а автомобилите и дрвјата биле носени од водата. Неколку автопати и селски патишта морале да бидат затворени. Засегнат е и воздушниот и железничкиот сообраќај. Наставата е откажана во многу училишта и универзитети.
Премиерот на Валенсија, Карлос Мазон, ги повика жителите да се евакуираат на повисоките места. Во некои области, жителите останале заробени во своите домови и упатија итни повици на социјалните мрежи, објави весникот Ел Паис.
Површината погодена од поројни врнежи од дожд, за која со денови многу се известуваше, денеска се очекува да се помести североисточно. Предупредувањето за силно невреме останува на сила за поголеми делови од земјата. Метеоролошката служба Аемет соопшти дека ситуацијата во цела Шпанија нема целосно да се олесни до четврток.
„Со загриженост ги следам извештаите за исчезнати луѓе и штетите предизвикани од невремето во последните неколку часа“, изјави претходно шпанскиот премиер Педро Санчез на онлајн сервисот X и апелираше до населението да ги следи упатствата на властите. „Бидете многу внимателни и избегнувајте непотребни патувања“.
Научниците предупредуваат дека екстремните временски настани како што се топлотните бранови и бурите се влошуваат поради климатските промени.
DW