Пред четири години, многу дипломати и воени претставници во седиштето на НАТО во Брисел здивнаа: Конечно завршија годините на Трамп .
Четири години на чело на најголемата и најважна членка на НАТО беше човек познат по својата непредвидливост и самоволие. Нему му се припишуваат напуштањето на сојузниците во Сирија и Ирак, хаосот во Авганистан кој им помогна на талибанците, честото понижување на Европејците.
Според зборовите на Жан-Клод Јункер, „Трамп никогаш не ги сметал Европејците за сојузници“, туку ги гледал како „мрачни фигури кои не и прават ништо добро на Америка“. Во исто време, Јункер е еден од ретките политичари кои успеале да соработуваат со Трамп. Меѓутоа, во разговор со студиото АРД во Брисел, тој даде поразителна оценка за годините на Трамп.
„Тој постојано повторуваше, дури и на состаноците, дека ЕУ е измислица која има за цел да го ослабне американското влијание во светот“.
Отворена критика
Веќе на отворањето на новата зграда на седиштето на НАТО во Брисел во 2017 година, Трамп одржа говор пред сојузниците:„Во изминатите осум години, САД потрошиле повеќе за одбрана од сите други членки на НАТО заедно“, им рече Трамп на собраните лидери, истакнувајќи дека 23 од 28 земји-членки не плаќаат доволно за одбрана.
Германската канцеларка Ангела Меркел веројатно се почувствувала прозвана, бидејќи германските трошоци за одбрана непосредно пред тоа достигнале само околу 1,2 отсто од бруто домашниот производ, што е далеку од договорената цел од два отсто. Трамп не престана со своите критики, велејќи дека тоа му го кажал „многу, многу директно“ на генералниот секретар Јенс Столтенберг. Меркел слушала со кисел израз на лицето.
Руте го пофали Трамп
„Благодарение на Доналд Трамп, ги зголемивме нашите одбранбени распределби“, изјави Марк Руте неодамна по преземањето на функцијата нов генерален секретар на НАТО Тоа не беа единствените пофални зборови на кои Холанѓанецот, на изненадување на многумина, ги упати кон Трамп. Тој, исто така, го пофали неговиот критички став кон Кина, кој во меѓувреме многумина го прифатија.
Кому всушност беше упатена оваа изненадувачка порака? За ова се дискутира, а еден од одговорите е: можеби директно до Доналд Трамп. Тој е во тесна трка со Камала Харис , па не е исклучено дека кошмарот да се повтори. Меѓутоа, овој пат НАТО сака да биде подготвен.
Затоа терминот „отпорни на Трамп“ веќе со недели одекнува во дебатите: Алијансата мора да се позиционира така што вториот мандат на Трамп да не ја доведе во егзистенцијална криза.
Дека тоа е многу реална можност покажаа збунувачките, но јасно сфатени сериозно изјави на Трамп на почетокот на изборната кампања оваа пролет. Имено, Трамп рече дека во случај на напад би им помогнал само на земјите кои „си ги платат сметките“. Ако тоа не го прават, тој ќе му даде одврзани раце на Владимир Путин“.
Проблемот на подготовка за екстремно сценарио
„Идејата дека НАТО може да се стане „отпорно на Трамп“ е илузија“, објаснува Марко Оверхаус, американски експерт во Фондацијата за наука и политика. Многу е тешко да се подготвите за екстремно сценарио – САД да излезат од НАТО или да повлечат голем број војска од Европа – тоа е многу тешко.
„Трансатлантскиот однос, особено на полето на одбранбената политика, е структурно целосно неурамнотежен“, посочува Оверхаус, истакнувајќи дека 75 отсто од товарот е на САД, а 25 отсто на Европејците, што секако не е изланасиран однос.
НАТО се надева дека ќе има уште четири години
Од перспектива на НАТО, би било вистински благослов доколку претседателката Камала Харис може да донесе уште четири години за да се реши оваа нерамнотежа. Воено, тоа би значело стекнување на клучни способности во кои Европејците се особено зависни од Американците.
Тие вклучуваат, на пример, воздушна и ракетна одбрана, како и системи за рано предупредување. Клучна е и командната структура потребна за управување со големи воени операции. Да не зборуваме за важноста на американското нуклеарно оружје стационирано во Европа.
И политички може да стане многу тешко
„А, што ќе правиме ако администрацијата на Трамп политички се огради од НАТО?“, прашува политикологот Марко Оверхаус. Доколку САД водат политика на „празна столица“, како што некогаш ја практикуваше Шарл де Гол, Европа ќе треба да најде одговор на тоа и да ја преиспита традицијата на колективно одлучување.
Поточно, тоа би значело подготовка за можноста САД да ја искористат својата позиција на голема сила против волјата на Европејците. Оверхаус смета дека е реална можноста Вашингтон да почне да „ги поттикнува сојузниците на НАТО да работат едни против други“.
DW