Министерот за градежништво на Србија најави оставка по несреќата во Нови Сад

Српскиот министер за градежништво, транспорт и инфраструктура, Горан Весиќ најави дека на 5 ноември официјално ќе поднесе оставка поради несреќата во Нови Сад.

Тој на вонредна прес-конференција рече дека не ја прифаќа вината за несреќата, туку дека поднесува оставка како „одговорен човек“.

„Не можам да ја прифатам вината за смртта на 14 лица бидејќи ниту јас ниту луѓето кои работат со мене немаме трошка одговорност за трагедијата што се случи“, рече Весиќ, додавајќи дека поднесува оставка „од морални причини поради несреќата бидејќи се случила во ресорот кој го води“.

Тој изјави дека како министер „не донел ниту еден акт што може да има влијание врз исходот на проектот“ за реконструкција на Железничката станица во Нови Сад и го повика Обвинителството да утврди одговорност за смртта на 14 лица.

Весиќ рече дека на премиерот Милош Вучевиќ му понудил оставка истиот ден кога се случила несреќата, а својата намера му ја соопштил и на претседателот на Србија, Александар Вучиќ.

Изјави и дека „сите овие денови трпел навреди и напади од оние кои се обидуваат да ја злоупотребат секоја трагедија“.

 

slobodnaevropa.mk