ДКСК: Незаконски се именувани членови на УО на Академијата за судии и обвинители

Антикорупциската комисија побара Судскиот совет и Советот на јавни обвинители да си ги повлечат своите членови од Управниот одбор на Академијата на судии и јавни обвинители. Ова доаѓа откако утврди дека постапиле спротивно на законот за спречување на корупција и судир на интереси и на законот за Академијата.

Членот на ДКСК, Биљана Каракашева-Шулев предметот го отворила по сопствена иницијатива и побара да ги стават вон сила одлуките, бидејќи станува збор за веќе именувани членови, а нивните судско-обвинителски функции им се ставени во мирување.

Според антикорупционерите, Законот за спречување на корупција и судир на интереси, не дозволува членовите на советите да бидат членови на УО на институции и претпријатија со државен капитал.

Сметаат дека одлуките за пополнување на Управниот одбор, со по двајца членови од Судскиот совет и Советот на јавни обвинители, се спротивни на членот 44 од Законот за спречување на корупција и судир на интереси, судирот се јавува бидејќи Управниот одбор на Академијата одлучува по жалбите на кандидатите за судии и јавни обвинители, а советите ги избираат.

 

 

slobodnaevropa.mk