Втор ден без трага од Лидија Трајковска: Семејството и полицијата бараат помош од јавноста

Исчезнувањето на Лидија Трајковска од Јурумлери, за која семејството пријави дека исчезнала рано утрото, влегува во својот втор ден без конкретни резултати. Последен пат е видена во близина на автобуска станица во Јурумлери, и оттогаш нема никакви информации за нејзината локација. Според семејството, Лидија ја напуштила куќата без мобилен телефон и лични документи, објави Лидер.

Семејството на Лидија Трајковска е длабоко загрижено и бара поддршка од јавноста во потрагата за нивната сакана. Ќерката на Лидија, Мартина, објави јавен апел за помош преку социјалните мрежи, споделувајќи детали за нејзиниот изглед и последната позната локација:

„Исчезната е мајка ми. Последен пат е видена на автобуската станица во Јурумлери, облечена во зелен дуксер со црни шари, бели фармерки и црни чизми. Ако некој ја види, ве молам јавете се на 071345208,“ напиша Мартина во објавата.

Таа истакнува дека вакво нешто никогаш не се случило и дека ситуацијата е невообичаена и шокантна за целото семејство. Лидија, која работи во месарата на Тинекс, излегла од дома околу пет часот наутро, додека останатите членови на семејството спиеле.

„Таа е семејна жена, одговорна, секогаш навреме се враќа дома. Ова е голем шок за сите нас и не знаеме што да мислиме,“ додава Мартина, објаснувајќи дека веднаш по исчезнувањето случајот го пријавиле во полиција.

извор:Лидер